Согласно годишната програма за заштита на животната средина и природата за 2010г., Секторот за урбанизам и заштита на животна средина ги отпочна подготвителните активности на проектот „Заштита и уредување на локалитетот Дувало, сулфатара во Косел и негова промоција“.

Реализацијата на проектот е предвидена за четвртиот квартал од 2010 година, а деновиве се отпочна со чистење и уредување на локалитетот кој е во прилично запуштена состојба и со големи количини градежен шут и други видови отпад.


Екипите на ЈП „Охридски комуналец“ работат на расчистување на околниот терен, а по завршување на активностите, од страна на општината ќе бидат поставени патокази и информативна табла. Дел од предвидените средства со проектот ќе бидат наменети за промоција  на сулфатарата преку изготвување на промотивни флаери.


Дувало, односно сулфатарата во Косел претставува минијатурен кратер, со пречник од 0,5 м и длабочина од 30 см. Лежи во типична пукнатина со меридијански правец на протегање. Тоа е јасен доказ за постоењето на источниот раб на Охридската котлина вдолж која се спуштила и остаток од некогашната вулканска активност, на која оваа појава е последен знак на одумирање.

Оваа појава претставува сулфатара и мофета. Според досегашните истражувања кој се вршени се смета дека ова е единствениот жив вулкан на Балканот. На просторот каде што се наоѓа овој вулкан има неколку кратери од кои избива гас, со карактеристичен мирис на расипано јајце, во кој е присутен сулфур.

Ohridnews