Се чекаат резултати од извршени анализи, резултати од земен брис и направена обдукција за да се утврдат причините за смртта на 37-годишната родилка од Охрид, која почина вчеравечер на Гинеколошко акушерската клиника во Скопје.
Како што информира министерот за здравство Венко Филипче, 37-годишната охриѓанка била донесена на скопската клиника вчера во попладневните часови со возило на Итна помош, со висока телесна температура од 39 степени.
- По приемот на пациентката бил констатиран мртов плод. Направени се целосни анализи, земен е брис за коронавирус, плодот е изваден, а од стомакот е отстранета и голема количина на гној што може да е и причина за покачената телесна температура. Во секој случај се чекаат резултатите од брисот. За време на интервенцијата се влошила состојбата, направен е обид за реанимација, но во 22 часот е констатирана смрт, изјави министерот.
Министерот потенцира дека станува збор за комплексен случај за пациентка која имала прекумерна телесна тежина, висок крвен притисок, тахикардија, фактори кои се ризични за бременоста.
Т.К.