Бродот „Илинден“ кој на 5-ти септември потона во водите на Охридското Езеро, ќе биде изваден на површина дури откако ќе пристигне раководниот тим на хрватската компанија „Дубина“, која ќе ја изведе сложената операција.

На аеродромот во Скопје синоќа пристигна дополнителниот тим и опрема на  „Дубина“, а попладнево во Охрид се очекува да пристигне и првиот човек на сплитската компанија. Денеска  се поставува опремата на местото каде веќе 14 дена на дното на езерото лежи потонатиот брод, а неизвесно е дали идеалните временски услови ќе се искористат за да биде извлечен потонатиот брод. Според првичните најави сложената операција може да почне и утре.

Нуркачки тим претходно изврши подводно испитување на теренот и трупот на потонатиот брод кој треба да биде изваден на копно за натамошно вештачење. Според најавите „Илинден“ ќе се вади со воздушни балони кои со каиши ќе бидат прикачени на потонатиот брод. Во акцијата ќе биде вклучен и помал брод на МВР, кој треба да го извлече „Илинден“ до каналот Студенчишта.

Бродот „Илинден“ потона во водите на Охридското Езеро на 5-ти септември при што животот го загубија петнаесет туристи од Бугарија.

Ohridnews