Фудбалот во Македонија долги години е во надолна линија, на прагот е на изумирање и се граничи со мизерија. Репрезентациите од најмалите, “пионерските“ па се до сениорите не се за “машала“ а капак на се е играта “те разбрав, не те чув“ на капитенот во А селекцијата,  Горан Пандев.

Но во сивило во кое сме опкружени има и нешто светло кое доаѓа од градот крај Охридското Езеро.Фудбалот во Охрид стагнираше десетина години но во последниве неколку сезони, “бубамарата“ се тркала се почесто на охридските стадиони.

Второлигашите Фк Охрид`04 и Охрид Лоте со цврсти чекори газат кон Првата македонска фудбалска лига. “Рибарите“ и “Градежниците“ се на второто односно третото место, со три бода заостаток зад Миравци кој во наредното осмо коло му гостува на Фк Охрид.

Со доаѓањето на претседателот Гоце Малезанов, охридскиот брод заплови во мирни води. Консолидирањето на охридскиот лигаш ги даде посакуваните резултати, па лесно може да се случи наредната година по пауза од речи си 15 години Охрид да заигра во првата лига.

“Помалиот брат“ Охрид Лоте кој го превзеде Борец експресно од третата фудбалска лига по мртвата трка со струшкиот Караорман, се пласираше во Втората лига. “Градежниците“ по одиграните седум рунди рамо до рамо се носат со најдобрите екипи во втората лига.

Да е епилогот ваков како што е треба да се работи од мали нозе со младите категории така наречени “петлиња“. Подолго време беспрекорно функционира школата ЕвроФудбал, летото со работа започна фудбалската школа Топ Гол, а минатиот викенд се отвори и уште една школа за млади фудбалери.


Кадетите на Фк Охрид на натпреварот со Новаци се покажаа како “негостопримливи“ откако со  чиста десетка ги испратија своите врсници. Надежите со 15 бодови (пет победи и еден пораз ) се на втората позиција со минус три зад Искра Моришта. Вреди да се напомене дека имаат најефикасен напад (33 погодоци) и “непробојна“ одбрана (4 погодоци). 


Младинскиот погон на Охрид во шестото коло ја забележа првата победа во новата сезона над Новаци и тоа со погодок во финишот на натпреварот. Фудбалери кои ги поминале низ младинските школи како Иловски, Мартиноски, Меди и Китрозовски се дел од првиот тим на Фк Охрид.


Сликата се дополнува со екипата на Лешани која е единствениот преставник во Езерскиот регион, додека години на назад со успех се одржува Општинската фудбалска лига каде се натпреваруват десетина клубови од охридската околија.


Да не се само машките во центар на вниманието се погрижи женскиот фудбалски клуб Евро Фудбал, кој се натпреварува во првата лига. По првата година во која се собираше искуство , оваа сезона охриѓанки се едни од најсериозните кандитати за освојување на врвот.


Михаил Постоловски