Се бараат домашни или странски компании заинтересирани да го изградат и да стопанисуваат со скијачкиот центар и со туристичкиот комплекс на Галичица од страната над Охридското Езеро. Владата и МЕПСО, кои минатиот месец објавија јавна покана до инвеститори од земјава и од странство да вложат во проектот, чекаат позитивен сигнал, пишува денешен „Дневник“.
Заинтересираните инвеститори треба да го испратат својот предлог за ски-центарот и за туристичкиот ресорт до 1 септември, по што избраните во средината на септември ќе треба и јавно да го презентираат. Компаниите што ќе влезат во најтесниот избор и ќе можат да учествуваат на тендерот ќе бидат објавени кон крајот на септември.
При објавувањето на плановите за изградба на ски-центарот и туристичкиот комплекс и бизнисмени од Охрид и од Преспа најавија дека се заинтересирани да се вклучат во целиот проект, со оглед на тоа дека ќе има големо значење за развојот на туризмот во овој регион. Но, досега се уште нема конкретни понуди.
– Од објавувањето на поканата за пројавување интерес, кон средината на јуни до денес, немаме комуникација во смисла поставени прашања, барања за информации и слично. Но тоа не значи дека интерес и не постои, со оглед на тоа што многу детални информации се дадени на линковите на веб-страницата на МЕПСО, односно комплетните мастер и бизнис-планови се поставени таму – велат од МЕПСО.
На заинтересираните инвеститори ќе им бидат понудени два пакета. Првиот пакет се однесува на изградба и водење на ски-центарот и на комплексот на Галичица од страната на Охридското Езеро, а вториот е за изградба на туристички комплекс и од преспанската страна.
Според мастер-планот, што го изработија странски консултанти, ски-центарот на Галичица треба да се гради северно од врвот Крле Гола Бука на надморска височина од 1.985 метри. До него ќе се стасува и со гондола, чија почетна станица ќе биде над селото Пештани, на надморска височина од 840 метри. Планирано е овој ски-центар да биде со среден капацитет, односно дневно да може да прими околу 3.000 посетители. На скијачите на располагање ќе им бидат 15 километри ски-патеки, две четириседни жичници, два големи ски-лифта и една лента на ски-лифтот. Треба да има и неколку патеки за сноуборд, како и снежни тобогани за деца. Освен патеките за алпско скијање, предвидена е и патека за норидско скијање. Освен патеките, комплексот треба да содржи хотели, ресторани и други туристички објекти, како и карпи за качување и патеки за велоспиедизам.
Мастер-планот предвидува овој центар преку уште една гондола да се поврзе со преспанскиот дел. Гондолата ќе се движи преку Галичица до постојниот скијачки центар над Преспанското Езеро, кој со години е надвор од употреба.
Според студиите, се очекува целиот комплекс да биде комплетиран по речиси 8 години од почетокот на градежните работи.
OhridNews
Извор:„Дневник“