Бројни реакции предизвика во јавноста планот од 2008 година, кој предвидува изградба на станбен комплекс кај Маларична а ја вклучува и речиси еден век старата куќа со препознатлив изглед во непосредна близина на улица „Димитар Влахов“. Истиот повторно се актуелизираше откако ОУ „Григор Прличев“ покрена иницијатива за изградба на нова училишна зграда на местото на стариот објект.
Предмет на интерес на јавноста е и отпочнатата реконструкцијата на уште една стара охридска куќа со автентична фасада на истата улица која е поврзана со блиското минато во Охрид кога таму било сместено старото породилно.
Куќите не се под режим на строга заштита, што според невладините организации претставува сериозен пропуст. Сметаат дека доколку се реализираат најавените планови трајно ќе се изгуби нивната вредност.
Од НУ Завод и Музеј Охрид информираат дека куќата кај т.н. старо породилно е предмет на реконструкција за што до установата бил доставен соодветен проект и било издадено стручно мислење со препораки.
Проектот предвидува само реконструкција на покривот и задржување на надворешниот изглед на објектот, вели директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, Горан Патчев.
Што се однесува до старата куќа до ООУ „Григор Прличев“ до Завод и Музеј Охрид доставена е измена на Детален урбанистички план за кој допрва треба да се изработат заштитно конзерваторски основи.
Ние ќе се произнесеме за истиот објект, дали треба да се стави под заштита или каков режим да се предвиди за идниот развој на тој дел од градот. Објектот има фасада која заслужува да биде третирана како културно наследство, дециден е Патчев.
Активисти на неформалната организација „Охрид СОС“ бараат заштита и на старата училишна зграда на OОУ „Григор Прличев” во Охрид, изградена во 1958 година чиј автор е Љубен Најденов. Тој е автор и на архитектонските решенија за хотелот „Ривиера“ во Охрид (1959), Стоковната куќа во Охрид (НАМА) (1961), Домот на културата во Делчево (1971), хотелот „Дрим“ во Струга (1973-77), и други.
Стариот објект на Основното училиште „Григор Прличев“ поседува исклучителни квалитети, не само во однос на својата примарна функција, туку и како архитектонски белег на едно време – модерната архитектура од средината на XX век. Со новиот детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 – опфат 7 овој објект е планиран за рушење а на негово место е предвиден објект со многу поголем обем. Наместо ставање на листата на архитектонско културно наследство на Охрид од втората половина на минатиот век, или оној модернистички период, постои опасност тој да биде уништен, заедно со градската куќа во непосредна близина и објектот на Маларична. Со ова ќе се загуби уште вреден објект од Модерната, а Охрид дополнително ќе загуби значајно културно наследство и дел од својата колективна културна меморија, велат од „Охрид СОС“.
Г.М.