Директорот на училиштето вели дека тоа во суштина и не претставува голем проблем, затоа што просторот се користи како паркинг само во периодот кога училиштето не работи, односно од 10 јуни, заклучно 31 август. Според него, одлуката да се даде училишниот двор под закуп и користи како паркинг, била донесена од страна на Комуналното претпријатие, односно Советот на општина Струга. Првиот човек на ОУ “ Браќа Миладиновци” потенцира дека во неколку наврати се обраќал до Министерството за образование со цел да им бидат доделени средства со кои би го заградиле и обезбедиле дворот, но не добил позитивен одговор од надлежното министерство.
Секретарот на струшката Локална самоуправа, Зоран Гулицоски, објаснува дека основач на секое јавно претпријатие во рамки на општината, во овој случај училиштето, е Локалната самоуправа. Според тоа, таа е и надлежна да донесува одлуки при одтуѓување или давање под закуп на целокупниот или дел од имотот. Како што потенцира Гулицоски, советот на општина Струга нема донесено одлука според која дворното место од основното училиште “ Браќа Миладиновци” се означува како паркинг простор.
Стравувајќи за безбедноста на своите деца поради бројните возила кои се паркираат во дворот на училиштето, Советот на родители, освен до директорот на училиштето за решавање на проблемот, се има обратено и до Премиерот на Владата на РМ, ресорниот Министер, Градоначалникот на Општина Струга, Пратениците Тахир Хани и Лилјана Затуроска, како и ОБСЕ и УНХЦР. “ Животот на децата е загрозен од премногу возила и уште згора на тоа нема каде да се обавува наставата за физичко воспитување. Децата за време на големите одмори нема каде да излезат, бидејки дворното место е целосно зафатено од возила. Опасно е што автомобилите се паркираат до самиот влез на училиштето. Станува збор за деца на возраст од 2-ро до 5- то оделение и постои голема веројастност некое да биде повредено во сообраќајна незгода”, велат од Советот на родители при ОУ “ Браќа Миладиновци”.
Родителите бараат да се поништи договорот за закуп и просторот на кој се одржувала наставата по физичко воспитување повторно да се врати во владение на училиштето. При тоа да се огради за да немаат пристап патнички и теретни возила.