Не сме во ситуација да бараме исполнување на строги критериуми од страна на здравствените организации, кога на ниво на држава се уште го бараме најсоодветнотиот начин за третирање на медицинскиот отпад, велат од Управата за животна средина.

-Нема генерално решение и може да се каже дека станува збор за еден вакум- период додека не се изнајде начинот кој ќе одговара согласно пропишаните европски стандарди, објаснува Филип Иванов, Директор на Управата за животна средина.

Во Македонија не постои депонија за опасен отпад. Медицинскиот, се одлага во депонијата Дрисла. Поголемиот дел од него се уништува преку согоорување на температура од 1. 000 степени во специјална печка  за оваа намена наречена инцелератор. Сепак, оваа депонија и начинот на кој отпадот таму се третира е далеку од европските стандарди. Голема веројатност постои дека ќе се прифати автоклавирањето- отпадот на температура од 130 степени целзиусови да се стерилизира, по што се одлага и третира како останатиот отпад.


На ваков начин, од пред месец дена,  се третира и опасниот отпад во охридската Општа болница. 

-Ние вршиме комплетна дезинфекција на медицинскиот отпад, се складира во специјални кеси и одлага во посебни боксови оградени, каде е забранет пристап на лица од надвор. Од кафезите отпадот оди на обработување- се става во специјални садови, автоклави, и на температура од 130 степени водена пареа целосно се дезинфицира. Потоа се третира како обичен комунален  отпад, вели потпаролот на Општа болница, д- р Сашо Василески.

Во соседна Србија секоја поголема медицинска установа е снабдена со автоклав во кој се дезинфицира медицинскиот отпад, по што се одлага на градските депонии. 

Т. К.