Кризниот штаб за справување со коронавирусот Ковид 19, ќе ја разгледа можноста да се дозволи прошетка на деца со аутизам во било кое време од денот, поради специфичноста на овие лица и навиките кои значително влијаат на нивното здравје. Ова попладнево на пресконференција го најави министЕрот за здравство Венко Филипче.
Се бара начин да им се излезе во пресрет на семејствата со лица со аутизам. На кој начин се уште размислува, затоа што има една група на која треба во било кој дел од денот да им се дозволи прошетка на отворено, затоа што тие деца имаат рутина и ако не им се овозможи прошетка може да дојде до нарушување на нивното здравје. – рече Филипче.
Министерот за здравство најави дека ова прашање ќе се разгледува на утрешниот состанок на Кризниот штаб, додавајќи дека се работи за спефичен проблем, додека, како што рече, сите други треба да се стрпат.
Ја разгледувавме и можноста да се дозволи мала прошетка на родители со мали деца, но постои опасност да дојде до групирање на луѓе пред влезови и живеалишта, а тоа носи нови опасности. Треба сите да се стрпат. Секој да даде свој придонес, затоа што само на тој начин може да има ефекти од овие мерки. – додаде Филипче.
Г.М.