Деновиве на остварените средби на Здруженијата на лица со посебни потреби со претставници од Општината била предложена идејата за измени на Конкурсот за доделување на ученички стипендии, со цел да бидат вметнати стипендии покрај за ученици и за студенти, докторанти и магистранти со посебни потреби.

Знаеме дека на овие деца им е потребна нашата поддршка. Затоа што има деца на кои некогаш им е потребно повеќе од лични и образовни асистенти, односно им е потребна финансиска помош со која ќе можат да се надградуваат, бидејќи имаат капацитет за развој. Многу од нив, бидејќи не успеале да се дообразуваат останале да живеат од помошта која ја добиваат од државата, рече Гордана Лолеска, активист од здружението „Живот со предизвици“, на одржаната Јавна трибина.

Димитар Спасески од Секторот за образование, детска и социјална заштита, предложи стипендиите да бидат финансирани преку Програмата за социјална заштита.

Неопходен ќе биде документ за категоризација за добивање на стипендија. Немаме друг начин да одредиме на кого да му дадеме стипендија. Нема да има потреба од друг документ кој би покажувал успех, семеен статус, наведе Спасески.

Претставници засегнати со оваа проблематика го потенцираа и проблемот во однос на разликата која ја има од евидентирани деца со документ до вистинската бројка на деца со посебни потреби, кои од било која причина немаат документ со категоризација.

Во оваа насока беше потенцирана процедурата за вадење на самиот документ како еден од проблемите, но и можноста некако да им се излезе во пресрет на родителите кои сакаат, а од финансиски причини не биле во можност да извадат документ.

2000 ден чини документот за категоризацијата, плус патувањето. Најголем проблем е што е потребно и детето да се однесе на преглед кај осум различни доктори. Пробав да сугерирам и до Министерството за труд и социјална политика, да се смени начинот на кој едно дете ќе биде категоризирано. Ако се донесе документ за генетика од најпознати центри во светот, преведена и нострифицирана, нема потреба од носење на детето на прегледи, рече Лолеска.

Беше дадена сугестија од Општината да се проба да се олеснат процедурите институционално, потенцирајќи дека се отворени за сите сугестии во однос на потребите и брањата лицата со посебни потреби.

Н.С.Ј.