Вербалната војна Грозданов – Петрески продолжува.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов на вчерашната седница на Парламенот на која на дневен ред беа пратенички прашања, побара од Министерството за финансии да се изврши контрола на финансиското работење во општина Охрид и да му се одземат финасиските надлежности на градоначалникот Александар Петрески.
Одговарајќи, министерот за финансии Трајко Славески рече дека Министерството веќе побарало информации за структурата на долгот на општина Охрид и за времето на неговото настанување, и додаде дека на пратеникот ќе му биде доставен и подетален писмен одговор.
Грозданов го запраша Министерството за финансии што се прави за санирање на состојбата со нелегалната градба во општина Охрид, а Министерството за транспорт и врски што ќе преземе во врска со планот за изградба на згради кај спортскиот центар Билјанини извори.
Министерот за финансии Трајко Славески во одговорот рече дека Јавното обвинителство треба да го испита случајот и оти тој не зависи од Министерството за финансии, додека заменик министерот за транспорт и врски Скендер Палоши, нагласи дека надлежна за донесување на Деталните урбанистички планови е локалната самоуправа. Досега не е пристигнато барање за мислење за ДУП за Билјанини извори и кога ќе пристигне доколку имаме забелешки ние тоа ќе го кажеме, посочи Палоши.
Пратеникот Грозданов кажа дека не е задоволен од одговорот и побара дополнителен писмен одговор на прашањето.
ohridnews