Пензионерите не се откажуваат од идејата за изградба на старечки дом во Охрид. За Здружението на пензионерите од Охрид, изградбата на пензионерскиот дом останува еден од приоритетите зацртани во програмата за работа во 2007 година.
Изградбата на еден таков капитален објект е неопходен смета претседателот на охридското здружение на пензионерите, Ѓорѓи Трпчески.
Тој информираше дека е формиран и иницијативен одбор кој во соработка со секторот за урбанизиам при локалната самоуправа работи на реализација на идејата.
Изградбата на Пензионерски дом е потреба, а придобивка од реализација на еден таков проект ќе имаат идните генерации пензионери, смета Трпчески.
Трпчески информираше дека постои конкретен предлог за изградба на Пензионерскиот дом, но не ја соопшти точната локација каде тој ќе се гради. Една од споменуваните локации е просторот кај специјалната детска болница која наскоро ќе се затвори, но тоа е малку веројатно со оглед на атрактивноста на тој простор на кој најверојатно ќе се гради елитен хотел, за што веќе има конкретни најави.
Детската болница нема да биде пензионерски дом
И од локалната самоуправа велат дека Пензионерскиот дом нема да се гради на просторот кај специјалната детска болница. Оттаму информираат дека постои интерес за изградба на Пензионерски дом во Охрид, но дека се бара соодветна локација за реализација на овој проект.
Г.М.