Сто години старото занимање – дегустатор на англиски пива – повторно се појавило на лондонската берза на труд, која го опишува како најдобрата работа на светот.
Огласот во кој се бара волонтер кој ќе го испробува квалитетот на пивата по лондонските пабови, го објавила лондонската компанија Спиталфилдс, основана во 1683 година.
Во минатите векови работата “дегустатор на пиво“ се сметала за доста значајна. Сега повторно, Малколм Бал, шеф на компанијата, ги повикува сите заинтересирани да се пријават за работата. Потенцијалниот кандидат би требало да пробува различни видови пиво во пабовите на подрачјето на источен Лондон.
Шефот нагласил дека победничкиот кандидат мора да покаже големо познавање за локалните, регионалните, националните и интернационалните пива, и мора да биде предаден на работата.
Пријавите за работата се примаат до 23 мај, а пред конечната одлука кандидатите ќе мора да го поминат натпреварот во пробување пиво на слепо.