Писателите преку стихови и анегдоти на настанот „Писателите за писателот Тоде“ денес во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се потсетија на својот починат колега и чест собеседник Тоде Илиевски.

Да беше жив Тоде утре ќе го славеше 73 роденден, рече в.д директорката на библиотеката Христина Трпеска која ги потсети присутните на животот и делото на писателот Илиевски.

Библиотекарот м-р Милчо Јованоски како сублимат од денешната средба ја обелодени неговата идеја догодина во чест на Тоде да биде подготвена книга со анегдоти од неговите колеги од Охрид, Струга и пошироко.

Во колективната меморија Илиевски ќе остане запаметен како поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и создавач на шаховски проблеми од Охрид.

Илиевски завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел како просветен работник во повеќе места во Западна Македонија. Бил директор на Радио Дебар и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.

Беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1994 година. Учествувал во работата на редакциите на „Јужен бран“, „Спизалит“, „Радосна вест“ и „Копнежи“, а бил главен и одговорен уредник на енигматските забавници „Клуч“ и „Ѕуница“. Одделни песни му се препеани на други јазици. Застапуван е во антологии, избори и учебници.

Добитник е на Повелбата на Св. Климент (за творештво, 2002) како и наградите на Празникот на липите (за песна, 2003 и 2006), на фестивалот Славјанска прегратка – Варна (за песна, 2008), на Издавачката куќа „Феникс“ (за краток расказ, 2008) и наградата „Ванчо Николески“ (за најдобра стихозбирка за деца, 2010).

Во 2023 година Тоде Илиевски постхумно беше прогласен за почесен член на НУ Библиотека „Григор Прличев“.

OhridNews