Општинската организација на Социјадемократската унија (СДУ), од Охрид, покрена иницијатива за потпишување на посебен документ за спроведување на слобнодни, фер и демократски избори, што го нарече ЗА ДОСТОИНСТВОТО НА ОХРИД. Иницијалниот текст е веќе испратен до општинските раководства на политичките партии, на разгледување и дополнување, додека чинот на формалното потпишување треба да се случи кон крајот на месецов, односно пред официјалниот почеток на изборната кампања, информираат од партијата.

“Испративме иницијален текст и од раководствата побаравме да го разгледаат и да не информираат за нивната согласност за потпишување, воедно и да ги испратат нивните предлози за надополнување на документот”, изјави за “Ohridnews”, претседателот на Општинската организација на СДУ Марко Спасески.


Марко Спасесеки

Спасески додава дека намерата им е содржината на Декларацијата да биде заеднички формулирана од сите политички субјекти – учесници во изборниот процес.

“Обврската за спроведување на успешни избори, првенствено лежи на политичките партии и на органите задолжени за нивно спроведување. Од оваа иницијатива не треба никој посебно да извлекува политички бенефит, туку профитот, единствено да биде на граѓаните. Мора да сториме се’, од изборите на 22 март, да направиме празник за граѓаните”, рече Спасески.

СДУ, на локалните избори во Охрид, настапува само со советничка листа, чиј носител е потпретседателот на Партијата Веле Митаноски, а во општина Дебрца, со кандидат за градоначалник ( Димче Андрески) и советничка листа, со носителот Даниел Огненовски.

Ohridnews