СДСМ и коалицијата за европска иднина денес пред охриѓани ја презентираа програмата за парламентарните избори, како и кандидатите за пратеници и носителот и ко-носителот на листата во 5-та изборна единица.  Пред бројните членови како од редовите на СДСМ Охрид, така и членови од пошироките кругови на СДСМ, меѓу нив и претседателот Димитар Ковачевски, се обратија кандидатите од Охрид за пратеници Жаклина Лазаревска и Леонора Новеска како и ко-носителката Бисера Костадиновска- Стојчевска.

Охрид бил и останува предизвик за секоја власт, за секоја политична номенклатура но, само власта предводена од СДСМ знае да го почитува и вреднува, рече во обраќањето Жаклина Лазаревска.

Додека за политичкиот опонент Охрид претставува само трофеј со кој сака да се кити, ние социјалдемократите знаеме дека треба да го чуваме, градиме и развиваме. Секогаш кога на власт е ВМРО ДПМНЕ Охрид и охриѓани уназадуваат, царува урбаната мафија, се девастира и доведува во прашање заштитата на УНЕСКО, па ние потоа мора напорно да работиме за да го заштитиме и порпавиме се она што тие го расипале. Во изминатите седум години власта предводена од СДСМ помогна во зачувување на УНЕСКО статусот на Охридскиот регион, во справување со огромниот долг на Општина Охрид, го презеде долгот и рехабилитира и управувањето со колекторскиот систем на Охридско Езеро, помогна во изградба и реконструкција на многу меѓуградски и локални патишта, водоводна и канализациона инфраструктура. Со повеќе од 6,5 милиони евра средства од централниот буџет ги финансираше целокупната изградба на спортската сала и реконстукцијата на училишната зграда на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, целосна реконструкција на ученичкиот дом и зградата на угостителското училиште, економското училиште но и во реконструкција и подобрување на условите за работа на сите основни општински училишта. Само со СДСМ кога е власт од централниот буџет се одвојуваат средства за унапредување на инфраструктурата, за развојот и иднината на Охридскиот регион, потенцираше Лазаревска.

Додаде дека само со СДСМ кога е на власт има поголеми плати за сите работници, се исплаќа К15, има пензии кои се усогласуваат со животните трошоци и раст на платите, поголеми стипендии, субвенциониран оброк, поголеми плати за професорите, научните, здравствените работници, полицијата, администрацијата…

Ветувам уште посилна борба во Собранието за интересите на Охрид и охриѓани. Да обезбедиме правда и грижа за сите, да создадеме европски квалитет на животот, додаде Лазаревска.

Ко-носителката Бисера Костадиновска- Стојчевска истакна дека СДСМ и Коалицијата имаат јасен план за европска иднина, додавајќи дека вистински промени во општеството се можни само со следење на европскиот пат, со членство на европското семејство и негување на европските врендости.

За да го заштитиме статусот на УНЕСКО донесовме низа закони кои го заоструваат режимот на заштита и овозможуваат и развој на Охридскиот регион, но многу често сме платиле висока политичка цена за негово зачувување. Две и пол години вашиот градоначалник не ги почитува одлуките на Нациналната комисија за УНЕСКО, не почитува ниту една индивидуа која работи во областа на културата, да донесе одлука на Совет само за да настапи клиентелистички во однос на тоа што го замислил. Тоа е уназадување на заштитата на Охридксиот регион. За нас отсекогаш заштитата на културното наследство било и ќе биде приоритет. Токму затоа вложуваме повеќе фондови, инвестираме и во кадар и во младите, но и не се плашиме од заканите на Пецаков. Напротив ќе му објасниме што значи да го имате зачувано статусот на УНЕСКО за Охридскиот регион, рече Костадиновска- Стојчевска.

Потсети и на неодамнешното формирање на Медицинскиот факултет во Битола за, како што рече,  младите останат да студираат и живеат дома.

Партијата на Христијан Мицкоски наместо за повисоки плати и пензии, наместо помирен живот на граѓаните целосно се посвети на ограбување на народот и дезинтеграција на државата. Ова се избори помеѓу иднина и мрачно минато, а знаеме дека сакаме напредок и просперитет. Сакаме европски можности и плати тука во нашата држава, потенцираше.

Леонора Новеска, кандидатка за пратеник, истакна дека ќе продолжи да се бори во македонското Собрание за интересите на Охрид.

Ќе продолжам да бидам вашиот глас заедно да го направиме Охрид поубаво место за живеење. СДСМ се грижи и ќе продолжи да се грижи за нас младите и сите кои живееме тука, континуирано работејќи на развојот на нашата земја, правејќи ја Македонија земја во која ние младите ќе работиме и создаваме. Како млад човек би сакала да се задржам на делот на програмата која се однесува на младите. Во новата програма на СДСМ има прекрасни мерки за младите како што се мерката за бесплатен оброк и бесплатни едукативни екскурзии за учениците. Предвидена е и мерката среќен почеток која ќе овозможи 6000 ден помош од државата за секое прваче и 9000 денари за секој запишан средношколец. Во новата програма на СДСМ предвидена е и мерката за удвојување на квотите на државните факултети и укинување на партиципоацијата за студентите кои се запишуваат на Факултетот за медицина, фармација и стоматологија. Една од најатрактивните мерки е паричната помош од 200 евра во првата година за прво вработувањ ена младите до 26 години, како и проектот грижа за младите кој предвидува изградба на комерцијални станови за млади лица, истакна Новеска.

Ние младите, додаде Новеска, да бидеме истрајни на патот кон иднината, а сите заедно да испратиме порака дека Македонија сака и ќе продолжи на европскиот пат.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски