Новата програма на СДСМ ќе се фокусира на најголемите проблеми кои ги мачат граѓаните на Р. Македонија и на начините на кој тие да се решат, истакна денеска во Охрид лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска. Таа информираше дека новата програма е во завршна фаза. “Напорно работевме во изминативе 12 месеци и можам да кажам дека ова е прва вистинска социјалдемократска програма во Р. Македонија која што ќе се бори за сигурност на сите граѓани, еднакви шанси, грижа за сиромашните, социјална правда и правичност во македонкото општество“ рече Шеќеринска.


Радмила Шеќеринска

Досега СДСМ имаше предизборни и изборни програми, но често пати беа занемарувани основните принципи на социјалдемократијата, рече Шеќеринска која најави дека акцент во новата програма на СДСМ ќе биде ставен на решавање на реалните проблеми и на подобрување на економската состојба.

Во изготвување на прграмата на СДСМ и помага германскиот социјалдемократ, Кристоф Цепел, кој учествува на партиската работилница што викендов  се одржува во Охрид.


Шеќеринска и Цепел

Одговарајќи на новиинарско прашање во пресрет на утрешните Македонско-грчки преговори во Охрид, Шеќеринска рече дека за прашањето околу името постои политички консензус и тоа прашање не треба да биде дел од меѓупартиските пресметки, но тоа мора да биде приоритет на владината политика. „Сме загрижени затоа што Македонија ги губи дел од своите позиции и пријатели и сметам дека е лош развојот на настаните кога прашањето на името почна да се третира како дел од политичките критериуми во Европската унија“, рече Шеќеринска.

Според неа клучно е преговорите за името да се водат во Обединетите нации и не смее да се напушта таквиот формат. Но,   клучно е многу повеќе да се лобира во ЕУ и ОН, додаде лидерката на најголемата опозициска патија, Шеќеринска.

Шеќеринска ја критикуваше владата и дека недоволно се ангажира на меѓународен план. „Србија без никаков статус веќе ги отпочна преговорите за визна либерализација и срамота е што за цела една година македонската влада не успеа да отпочне преговори за целосно визно ослободување, рече Шеќеринска. Во врска со најавите за враќање на четирите хашки случаи Македонија мора да покаже дека е зрела држава во која правниот систем функционира, рече Шеќеринска . Ако не се политизираат овие Хашки случаи Македонија може успешно да се справи со нив, како што тоа го направија и некои земји во соседството, додаде  Шеќеринска.

Г. Момироски
фото: Васко Бујароски