Општинската организацијна на СДСМ, со соопштение реагира на јавно изнесените ставови на  ВМРО ДПМНЕ, со што продолжува меѓупартиуската вербална пресметка во очи стартот на предизборната кампања. Во соопштението на СДСМ се вели:

„Изминатиов викенд во Охрид бевме сведоци на несфатлива, непримерена и недостојна злоупотреба на функциите од страна највисоките државни и партиски функционери од ВМРО-ДПМНЕ, во очи на изборната кампања за претстојните претседателски и локални избори. Приморани сме да реагираме на овој начин и да ги посочиме до Вас ваквите примери на коруптивно практикување на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои претставуваат голема опасност за фер и демократските процеси во одвивањето на претстојната изборна кампања.

Имено, во саботата на 21.02.2009 година, г-динот Никола Груевски во Охрид најави отворање на Универзитет за информатичка технологија со пет факултети и студентски кампус по американски терк во Охрид. Како што можевме да чуеме, се планира првиот од низата факултети да започне со работа во просториите на поранешниот Дом на АРМ во Охрид. За време на реализираната посета на Домот на АРМ и давањето на изјавата за медиумите, г-динот Груевски беше во друштво на Министерот за одбрана во Владата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид и други видни локални функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид. За овој настан јавноста ја информираа сите локални и национални електронски и печатени медиуми во текот на изминатите два дена.

Не можеме, а да не се запрашаме – во кое својство и со каква цел г-динот Груевски ја реализира посетата и ја даде споменатата изјава?!

Доколку посетата ја реализира како Претседател на Владата на Република Македонија, тогаш зошто не беа присутни Градоначалникот на Охрид и други претставници од локалната самоуправа?! Сведоци сме дека на организираните посети по општините, каде што градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, владините промотивни активности Премиерот секогаш ги реализира во друштво на градоначалникот и релевантните претставници од локалната самоуправа и општинскиот совет. Воопшто не ни е јасно зошто Премиерот и во Охрид не ја применува ваквата практика. Дали само затоа што градоначалникот во Охрид е од редовите на СДСМ и не е по вкус на Премиерот?! Дали затоа што неговата намера е Владата да го отвори Универзитетот само ако следниот градоначалник биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ?! Или затоа што Премиерот смета дека ваквиот чин е одлична можност за промоција на овој владин проект, но само како дел од партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ во предизборието, заборавајќи на законски регулираната децентрализација на власта во сите општини во републикава?!

Доколку пак посетата ја реализира како Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги промовира партиските проекти и кандидати за претстојните избори, тогаш зошто се осуди да најави отворање на Универзитет?! Од кога и врз основа на што во нашата држава политичките партии градат, организираат и отвораат факултети?! Дали тогаш споменатиот Универзитет ќе претставува високо-образовна научна институција од областа на информатиката или политичка школа на ВМРО-ДПМНЕ?! Дали тоа значи дека уписот на идните студенти на овие факултети, наместо со индекс, ќе се врши исклучиво со партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ?! И зошто претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, како еден од најодговорните за спроведување на фер и демократски избори, ја започна сопствената партиска кампања пред законски одредениот рок за почеток на изборната кампања?!

Длабоко сме свесни за огромното значење што го имаат претстојните избори за меѓународната позиција и имиџ на Република Македонија, како и за развојот на демократските процеси на домашен план. Безрезервно и целосно ги подржуваме и практикуваме сите активности за спроведување на фер и демократски избори. Но, исто така, очекуваме од централната власт, која е и најодговорна за таквото спроведување на изборите, доследно и одговорно да ги почитува и практикува утврдените и договорените обврски и правила. Поради тоа, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека споменатиот чин во Охрид претставува грубо кршење на изборниот законик, загрозување на демократските процеси во очи на изборната кампања, злоупотреба на државните и партиските функции и коруптивно практикување на власта од страна на највисоките и најдоговорните функционери во ВМРО-ДПМНЕ. Ваквото нивно однесување и практикување на власта е за најостра осуда, како од страна на меѓународниот фактор, така и од страна на сите релевантни домашни институции и организации.

Поради тоа Ве молиме, во рамките на вашите надлежности и активности, да ги превземете сите неопходни мерки за посочување, анулирање и санкционирање на вакви и слични коруптивни дејности, кои можат да му нанесат ненадоместлива штета на претстојниот изборен процес, а со тоа и на сите граѓани во Република Македонија“, се вели во соопштението на ОО на СДСМ – ОХРИД.

Ohridnews