Општинската организација на СДСМ од Охрид, ја обвини Владата и државните институции за катастрофалната бродска несреќа во која загинаа 15 бугарски туристи.

– Сочувствуваме со семејствата на настраданите во бродската несреќа од 5-ти овој месец. Од друга страна, СДСМ чувствува сограѓанска потреба и морална обврска за истакнување и изразување благодарност на сите оние наши сограѓани и гости кои ја искажаа својата хуманост на најдобар, човечки начин, спасувајки ги животите на оние кои ја преживеаа несреќата, рече портпаролот Лидија Апостолоска.


Пренесувајќи го партискиот став, таа истакна дека игнорантскиот однос на премиерот кон Охрид и неговите опструкции на актуелната локална власт, резултирал ова лето со невиден хаос во Езерото и езерскиот сообраќај и, за жал, со голема трагедија.

– Сведоци сме на неодговорно однесување на власта на Груески  и обидот за прикривање на вистинските виновници за настанатата трагедија. Тоа се токму оние кои не преземаа она што е неопходно и што е нивна задача за да владее ред и да се знае што работи Капетанијата, што работи езерската Полиција, додаде Апостолоска.


Охридските социјалдемократи сметаат дека најодговорните министри Јанакиески и Јанкулоска, се заштитени од секаква политичка одговорност и покажуваат неодговорност.

– Наместо да излезат пред јавноста затоа што се должни, Јанакиески и нему подредената охридска Капетанија, молчат за трагедијата. Молчат за да не види народот дека не си ја вршеле работата, не се грижеле за езерскиот сообраќај, а единствено правеле опструкции на локалната власт, изјави Апостолоски.

Според СДСМ властае врши притисок врз истрагата и правосудните органи. со цел да се заштитат одговорните министри.

– Факт е, имено, дека Груески во образложението за неприфаќање на „оставката“ на Јанакиески, дословно наведува дека „од сите извршени истраги и сознанија не се нашла институционална грешка кај министерет, туку вината е во каетанот на бродот…“Каков невиден упад во правната држава. Каква дрскост, човечка и политичка, од Груески да го прогласува капетанот за виновен пред да се заклучи истрагата и да се изјасни судот, рече Апостолоска.


СДСМ денеска обвини и дека власта се обидува да ја дефокусира јавноста и да ги амнестира од одговорност најодговорните за несреќата.

– Факт е дека седум дена по несреќата не слушнавме ниту една изјава од релевантните институции, рече Томислав Тунтев, доктор по сообраќајни науки.

Според Тунтев Законот за внатрешна пловидба донесен во 2006 година не содржи доволно подзаконски акти кои ќе го регулираат водниот сообраќај, посочувајќи дека не постојат маршути за пловидба по Охридското Езеро и не постои радио врска на Капетанијата со бродовите.


Според СДСМ обидот да се префрли одговорноста за несреќата само на младиот капетан е опасен чин, кој, како што беше кажано на денешната прес конференција, може да ја доведе Македонија во состојба на целосна анархија и апсолутистичка монархија на Груески,  во која од „правна држава“ нема ни слово.

Ohridnews