За две и пол години власта на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да реализира ниту еден проект од оние што во нивната изборна програма беа ветени како приоритетни и капитални. Сето она што им беше ветено на граѓаните на Охрид, како приоритетни капитални инвестиции, и по цели две и пол години се‘ уште се само во најава, велат од општинската СДСМ.

– И покрај дадените цврсти ветувања на почетокот на мандатот, се‘ уште не е изработена валидна сообраќајна студија за режимот на сообраќајот. И оваа туристичка сезона, веќе трето лето по ред, во Охрид се случува сообраќаен хаос по улиците. Ова посебно се однесува на стариот дел од градот и централното градско подрачје, каде што паркирањето на автомобилите претставува невозможна мисија. Поскапувањето на цената на паркингот во очи на туристичката сезона во централното градско подрачје за цели 33% воопшто не ги даде посакуваните резултати, велат од ОО на СДСМ.

Оттаму додаваат дека општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата втора година по ред ги заборавил учениците од основните училишта и по втор пат не ја организирал сообраќајно-воспитната акција „Ученички семафор“ и со тоа во Охрид учениците од основните училишта втора година по ред останале без можност да ги стекнат и покажат сообраќајните познавања.

– „Питу Гули“ и „Ристо Чадо“, меѓу главните и најпрометните сообраќајници во градот, се реконструираат и затвораат за сообраќај во текот на високата туристичка сезона. Една кружна раскрсница се правеше цели 5 месеци, а една пешачка патека од 210 метри, која е само една десеттина од ветените 2 километри, се градеше подолго од половина година. Ваквите зафати спаѓаат во редовните комунални активности за одржување и осовременување на постоечката сообраќајна инфраструктура. Нема нови улици, нема нови тротоари, нема нови велосипедски патеки, нема нови паркинг простори. Има само оправдувања и жалопојки од срана на градските власти, затоа што цели 2 и пол години некој друг им е виновен за нивната неспособност, нестручност и немоќ. Охриѓани заслужуваат многу повеќе, велат од СДСМ.

OhridNews