Општинската организација на СДСМ од Струга преку писмено соопштение испратено до медиумите реагираше на новиот ребаланс на Буџетот на Република Македонија во кој не се предвидени доволно средства за струшките училишта кои имаат големи долгови.
-Во ребалансот има пари за сите луксузи, ама не и за училиштата кои ќе продолжат да тонат во долгови. Во Струга скоро сите основни училишта се со блокирани сметки веќе подолг период. Голем дел од нив се исклучени од електричната мрежа поради неплатени сметки. Децата мрзнат во зима без огрев. Наставниците сами купуваат креди. Долговите за струја, огрев и превоз без камати им се мерат во милиони евра. Со ребалансот, со зголемените блок дотации ќе добијат само 15 илјади евра. Со нив не можат да покријат ниту 1% од долгот. За споредба, владините функционери само за дневници за службени патувања и патни расходи ќе добијат дополнителни 260 илјади евра, или 17 пати повеќе отколку сите основни училишта во Струга заедно. Или да направиме друга споредба. Само за купување мебел корисниците на централниот буџет ќе добијат дополнителни над 226 илјади евра. Изразено во пари, мебелот за оваа Влада е 15 пати побитен, поважен отколку сите основни училишта во Струга, велат од СМСМ од Струга.
Оттаму потенцираат дека ова не е ниту етнички, ниту верски, ниту партиски проблем и дека се работи за сите граѓани на Струга. Според СДСМ Владата продолжува да се однесува кон стружани како да плаќаат даноци во некоја друга земја.
OhridNews