Денес пред влезот на опозицијата во Собрание, лидерот на СДСМ Зоран Заев изјави дека го прават овој чекор поради договорот од Пржино.
– До 15 септември да се избере специјалниот јавен обвинител, до 20 октомври да се избере преодна влада, да се направат потребните законски измени за правосудството, изборното законодавство, целосно нов Избирачки список, во медиумската сфера, да ја изгласаат оставката на Никола Груевски од премиерската функција, да се избере нов премиер, кој со новите министри и заменици од редовите на опозицијата ќе мора да обезбедат гаранции за фер и демократски избори, изјави Заев. Тој информира дека се подготвува документацијата за повлекување на сите поднесени оставки од пратениците од опозицијата. За тоа дали СДСМ ќе учествува на изборите на 24 април, Заев е одлучен дека ако договорот не биде исполнет до крај, за СДСМ ќе биде невалиден.
– Најважната работа за нас е во целиот период до изборите да се вратат во нормала институциите на системот, а како нус продукт на крајот да бидат слободни, фер и регуларни избори, рече претседателот на СДСМ. Ако до 15 септември не се избере специјалниот обвинител дали повторно опозицијата ќе излезе од парламентот, Заев рече дека во таков случај ќе биде донесена одлука, која јавно ќе биде соопштена, но сите опции се отворени.
Премиерот Никола Груевски, коментирајќи го враќањето на опозицијата во парламентот, изјави: „Петнаесет месеци земаа плата без да работат. Доста беше, нема во Македонија човек што тоа може да го добие. Доста беше, нека почнат да си ја заработуваат платата“. На прашањето како ВМРО-ДПМНЕ ќе постапи доколку се оствари најавата на Заев дека ќе го напушти договорот од Пржино доколку до 15 септември не биде избран специјалниот обвинител, Груевски со одговор: „Ние цело време се трудиме да се завршат работите како што се договоривме“.
OhridNews
извор Телма