Продолжуваат политичките препукувања на релација централна – локална власт.
Потпретседателот на СДММ, Петар Петковски, денеска на прес конференција обвини дека „Охридски комуналец“ набавил препарат на база на алги вреден 24.000 евра од фирма донатор на ВМРО-ДПМНЕ.
На страна основаноста и потребата за еден ваков препарат да се дадат 24.000 евра, пари на граѓаните за препарат на алги.
Но, спорното е тоа што препаратот на база на алги вреден 24.000 евра го добила фирма чијшто сопственик е донатор на ДПМНЕ.
Неговото име фигурира во јавно достапната листа во Извештајот за добиени донации на ДПМНЕ.
Истата партија од којашто е градоначалникот Пецаков.
Дали на овој начин се обезбедуваат парите за ДПМНЕ?
На потег се јавното Обвинителство и Државната комисија за спречување корупција! – рече Петковски.
Очајни се обидите на централната власт и смешните прес-конференции на СДСМ за оцрнување на работењето на Локалната власт и градоначалникот Кирил Пецаков, велат од Општина Охрид.
Да почнеме со ред кога веќе од ништо не се разбирате. Депонијата Буково е нестандардна депонија и во неа се депонира комунален отпад од општина Охрид, а служела и како алтернативна депонија на други општини.
ЈП ,,Охридски Комуналец” за потребите за одржување на депонијата Буково обезбеди булдожер гасеничар со кој енормно ги намали трошоците за одржување на истата, а исто така и депонијата се покрива со земја.
Имајќи ја предвид големината на депонијата и нејзината старост и имајќи ги предвид честите подметнувања на пожар се јави потребата за набавка на екстрат на база од алги кој е единствено решение за превенција од пожар како и гаснење на пожар на депонија, појаснуваат од Општина Охрид.
Додаваат дека е спроведена законски и транспаретна јавна набавка преку системот за е-набавки.
На огласот се јавени два економски оператори и на закажаната електронска аукција е постигната цената на која е склучен договорот со економскиот оператор кој на електронската аукција даде најниска цена (и да потенцираме се работи за цена која е реална пазарна цена на пазарот). Предвидени се 1.000 литри од екстрактот на база од алги, но договорниот орган согласно од ситуацијата на терен ќе утврди колкава количина ќе има потреба да се искористи, а тоа е евидентно и во договор склучен со економскиот оператор.
Согласно чл.1 ст.3 ,,Количините на предметот на набавка ќе се набавуваат сукцесивно по потреба во зависност од потребите на договорниот орган, но не повеќе од вкупно предвидените количини во спецификациите од тендерската документација на договорниот орган”, а во ст.4 од истиот член е предвидено дека ,,Договорниот орган има право да набави помали количини од дадените во спецификацијата, а носителот на набавката нема право да приговара на тоа.” – стои во соопштението.
Затоа кога не знаете да направите и отворите една регионална депонија, дегутантно е да зборувате за екстракт од алги и употреба, додаваат од Општина Охрид.
OhridNews