Со проект наречен „Визија за Македонија“ кој ќе биде промовиран на јавни трибини низ целата држава, а се заснова на пет столба, СДСМ нуди подобра иднина за Македонија.

„Ја враќаме моќната, стабилна, спокојна и среќна средна класа. Создаваме општество на слободни и еднакви граѓани, во модерна и европска Република Македонија“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Со Визијата за Македонија се предвидуваат плати кои обезбедуваат пристоен живот, а пензиите достоинствена старост, даноци помали за сиромашните граѓани, а повисоки за најбогатите, државата ќе помага развој на домашните претпријатија, кои отвараат нови работни места.

Понатаму, земјоделците располагаат со својата земја, за родот се обезбедува пласман, се вложува во домашни енергетски капцитети за стабилна и поевтина струја, се градат модерни патишта за безбеден сообраќај.

Лекарите се задржуваат во јавното здравство со достоинствени услови за работа, a граѓаните кои имаат потреба од лекарска помош добиваат квалитетни и брзи услуги. Наставниците и професорите се почитувани и вреднувани, а клучно во образованието на учениците и студентите е да научат, не оценувањето; полицијата ги штити граѓаните, а не власта; прва задача на инспекциите е да укажуваат, не да казнуваат; живееме во чиста животна средина со современа заштита на воздухот, водата и земјата; граѓаните сите основни потреби можат да ги завршат во општините во кои живеат; граѓаните остануваат да живеат во Македонија и ги враќаме оние кои заминале; живееме без притисоци, уцени и закани, во безбедна, демократска, европска Македонија, членка на ЕУ и НАТО и владата е сервис на граѓаните.

За да се оствари ова, потребна е работа на петте поставени столбови: Првиот столб обезбедува одговорна власт и контрола над власта, вториот столб обезбедува праведна распределба на доходот и извлекување од сиромаштија, третиот столб обезбедува развој на домашните капацитети и пристојна работа, четвртиот столб обезбедува европска иднина и квалитетен живот и  петтиот столб обезбедува едно општество за сите.

СДСМ најавува дебати за тоа како да се обезбедат услови за одговорна власт.  Денеска во Неготино со почеток во 19 часот во Домот на културата „Ацо Ѓорчев“, утре во Тетово со почеток во 19 часот во Советот на Општина Тетово, задутре во Скопје со почеток во 12 часот во објектот на Скопски саем. Во петок продолжуваат во Кочани со почеток во 19 часот во Мултикултурен центар, во сабота во Охрид со почеток во 19 часот во хотелот Ривиера, во недела, на 11 Октомври, во Скопје во 12 часот во објектот на Скопски саем.

OhridNews

Извор: Макфакс