Од општинската организација на СДСМ обвинуваат дека власта во Охрид деновиве врши невиден притисок и тортура врз дел од вработените во државната и јавната администрација и дека луѓето се принудуваат по секоја цена да земат учество на митингот на ВМРО-ДПМНЕ што вечерва се одржува во Скопје.

– По партиска директива на ВМРО-ДПМНЕ, раководните лица во јавните претпријатија, училиштата, градинките, болниците, општината и другите државни и локални институции вршат притисок врз дел од вработените. Први на удар се волонтерите, вработените со времени договори, со договор за дело и сезонските работници. Денеска во сите училишта во Охрид наставата ќе се одвива до 15 часот, а потоа вработените задолжително треба да заминат на митингот со организиран превоз со автобуси. Работното време денеска е незаконски скратено за дел од вработените во државната и јавната администрација во општинските и државните институции, велат од СДСМ.

Оттаму додаваат дека дел од членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, што работаат во општинската администрацијата, денеска се незаконски ослободени од работа. 

– Родителите се принудуваат до 15 часот да си ги земат децата од градинките, затоа што воспитувачките и негователките мораат да одат на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.

Од СДСМ потенцираат дека вчера граѓаните на Охрид сами по своја волја заминале за Скопје и останале пред Владата додека  Груевски не замине.

– Ги охрабруваме граѓаните да постапат според своите убедувања и чувства. Порачуваме дека Груевски со или без негова волја токму поради еден од ваквите механизми на владеење мора да замине, додаваат од ОО на СДСМ.  

OhridNews