Премиерот во заминување Никола Груевски кој денеска беше во посета на Охрид, во придружба на челниците од Општина Охрид,  не успеа да помине по улицата „Питу Гули“, затоа што оваа сообраќајница, една од главните и најпрометните во градот, се реконструира во екот на високата туристичка сезона. – реагира опозициската СДСМ.

„Домаќините најверојатно заборавија да му ги покажат на нивниот в.д. премиер преполнетите контејнери за ѓубре, нечистите улици и излеаните фекалии во езерото, а сигурно не беа во можност да му ја презентираат несносната турбо-фолк бучава од угостителските објекти во доцните ноќни часови.“ –  стои во партиската реакција. 

Во неа уште стои дека целата охридска јавност со нетрпение и љубопитност очекувала да види и да разбере каков објект ќе биде пуште во употреба, бидејќи се уште не се реализирани ветените проекти од локалната самоуправа. 

„Првата помисла беше дека ќе се пушта во употреба некој од ветените капитални проекти – затворениот базен, модерната автобуска станица, современиот покриен пазар, домот за стари лица, реновираното пристаниште или новата марина. Но, веднаш стана јасно дека тоа е невозможно, затоа што сите овие ветени капитални проекти власта на ВМРО-ДПМНЕ ги има реализирано само на хартија. Тогаш помисливме дека можеби се работи за новиот луксузен хотел кај Горица, или за модерниот туристички комплекс на Субрата Рој во Љубаништа, или за аеродромот на вода кај Св. Наум, или за економската развојна зона кај Мауцкер, или за зимскиот туристички центар на Галичица. Меѓутоа, испадна дека овие ветени проекти одамна се веќе заборавени и напуштени.  И тамам се понадевавме дека можеби конечно ќе бидат пуштени во употреба новиот плоштад и фонтаната кај некогашен минимаркет или новата пешачка патека кај ајван-плажа, испадна дека и по цели 9 месеци градење фонтаната се‘ уште не е готова, а од предвидените 2 км. патека изградени се само 210 метри. И тогаш пристигна вистинското изненадување – премиерот во заминување свечено ја пушти во употреба кружната раскрсница помеѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „Бистрица“.“- стои во соопштението.

Реагираше и ОО СДСМ – Дебарца, според која, премиерот продолжува со популистички стил на владеење.

„Во општина Дебрца тој присуствуваше на пуштање во употреба на неколку инфраструктурни објекти во општината. И можеби се би било во ред ако во случајов не станува збор за проекти за реконструкции на постоечки инфраструктурни објекти, објекти кои по извршените реконструкции се ставени во употреба пред повеќе од една година. Така, реконструираниот водоснабдителен систем во село Ботун е пуштен во употреба пред една година, а во реконструираното основно училиште во село Требеништа учениците завршија една учебна 2014/2015 година. Исто така, останува нејасно зошто пуштањето во употреба на објектите кои се во функција го изврши Премиерот ако се знае податокот дека реконструкцијата на инфраструктурните објекти се финансираше со средства од буџетот на општината, односно средства на граѓаните на општината, а ниту денар не беше издвоен од буџетот на РМ.“ – се вели во соопштението на ОО СДСМ – Дебарца. 

Оттаму додаваат дека посетата на премиерот градоначалникот на општината и општинското раководство на неговата партија требало да ја искористат за да го прашаат дали и кога земјоделците од Дебрца ќе го добијат одобреното обештетување за природната непогода од 2010 година, да го “прошетаат” до индустриската зона во Мешеишта во која најавиле многу инвеститори, до рудникот Стогово во каде требаше да се реализираат 200 вработувања, до остатоците од Слатинското Езеро и распукнатата брана, до полициската канцеларија во село Белчишта, која во две години откако помпезно беше отворена работеше “цел” еден ден, да го прашаат за отворањето на најавените откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи, дали и кога ќе се реализира најавената реконструкција на регионалниот пат Ботун-Велмеј или барем за почеток кога ќе се искоси високата трева по банкините на патот, како и да побараат објаснување зошто граѓаните на Дебрца на кои им се експроприра недвижен имот долж Автопатот А2 добиваат надоместок чија вредност е под пазарните цени….

OhridNews