СДСМ, денес, поднесе 21 кривична пријава против повеќе од 17 сторители на кривични дела против изборниот процес, а се базираат на наводно прислушувани разговори, кои во последно време ги објавува опозицијата.
– Кривичните пријави коишто ги поднесовме до Обвинителството опфаќаат: злоупотреба на службена положба и овластување, злоупотреба на лични податоци, присилба, предизвикување на општа опасност, фалсификување на исправи, противзаконско посредување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата за определување за време на изборите, повреда на тајноста на гласањето и злоупотреба на средства за финансирање на изборната кампања. Сите тие 21 кривична пријава, базирани само на доказите коишто ги доставивме и до јавноста, за криминал за време на изборите, се веќе во Обвинителството“, рече Радмила Шекеринска, заменик претседател на СДСМ.
Таа повтори дека не веруваат во објективноста, професионалноста и независноста на правосудниот систем во Македонија, но дека поднесувањето на кривичните пријави го прават со цел да покажат дека ги почитуваат Уставот и законите. На новинарско прашање, дали ќе имаат ефект кривичните пријави, Шекеринска вели дека илузии немаат, и дека не очекуваат преку ноќ Обвинителството или некои други институции сами од себе да се ослободат.
– Меѓутоа ние мора да го направиме нашиот дел од задачата, нашиот дел од одговорноста, да ги поднесеме пријавите. Тие се пишан траг. Тие се и ќе станат одговорност на некои луѓе со име и презиме. Ги повикавме многуте професионалци, кои исто така работат во различни институции во државата, да им кажат не“, рече Шекеринска.
За тоа што Јавното обвинителство испрати соопштение за меѓународни правни експерти, таа вели дека „првиот чекор за да имаме елементарно пристојна постапка е овој обвинител, за кој веќе има докази дека е дел од владината структура за контрола на процесите, мора да даде оставка. Мора да даде оставка и човекот одговорен за одделот за организиран криминал кој е инаку близок роднина на човек кој учествувал и го аминувал прислушувањето, Мијалков. После тие две оставки има шанси обвинителството да се ослободи од притисокот. И во тој случај, секако и меѓународно вмешување, меѓународно мониторирање, меѓутоа сериозно, со јасен мандат, тоа ќе биде само плус“.
За молкот на Претседателот на државата, Шекеринска вели дека бил очекуван и срамен.