Добро е што Александар Петрески е пуштен да се брани од слобода, исто како и неговите соработници, затоа што предолго беа задржани во притвор, смета опозциската СДСМ.

-Колку што имаме информации нема никаков обвинителен акт, а предолго беа задржани во притвор што несоодветствува со законите на Република Македонија и на некој начин значеше прекршување на нивните уставни права и слобода која им е загарнтирана и нас ни е драго што Александар Петрески е на слобода. – истакнаа од ОО СДСМ – Охрид.

Како што информиравме, поранешниот градоначалник на Охрид Александар Петрески, по четири месеци минати во притвор, вчера беше ослободен со кауција, која тој ја понудил во вид на хипотека на недвижнини за да се брани од слобода. Петрески беше приведен во полициската акција „Јагула“, а мерката притвор му беше продолжувана четири пати.

Екс градоначалникот се товари за финансиски малверзации со кои, според истражните органи, стекнал противправна имотна корист преку јавни набавки и градежни активности. За истото дело притвор добија и неколкумина негови соработници од локалната администрација, а дел од нив во меѓувреме, исто така, беа ослободени по приложена кауција.

OhridNews