Парламентарното мнозинство е одговорно кон иднината на државата и народот и во оваа насока СДСМ разговора со сите партии коалициски партнери, кои потврдија дека мнозинството во Собранието е стабилно и изразија поддршка на Владата од оваа парламентарно мнозинство, соопшти денеска Социјалдемократскиот сојуз.
На Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати од интерес на граѓаните, посебно во време на пандемијата и енергетска криза со јасен евроатлантски курс на дејствување, се додава во соопштението.
Од партијата информираат дека во тек се секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамки на највисокото партиско раководство. Во соопштението се посочува дека заедно со претседателот Зоран Заев, партиското раководство работи на решенија и одлуки со кои СДСМ се реорганизира со единствена цел да продолжи да му служи на својот народ на највисоко можно ниво.
Во врска со одредни шпекулации, напоменуваме дека согласно статутарните одредби на партијата, со оставката на претседателот Заев во оставка е и целото раководство на СДСМ.
Од партијата посочуваат дека на денешниот состанок на раководството биле утврдени следните чекори на партијата кои од наредната недела ќе бидат ефектуирани, за што јавноста ќе биде информирана.
OhridNews