Извршниот одбор на огранокот на владејачката СДСМ во Охрид, на денешната седница во проширен состав, од тринаесет кандидати на централата и  испратил четири предлози за кандидат за градоначалник на Охрид на претстојните вонредни локални избори, што ќе се одржат на 21 април.

Како што дознаваме, во потесниот круг влегле: в.д. градоначалникот Константин Георгиески, актуелната претседателка на градскиот совет Живка Ангелоска, претседателот на ОО СДСМ Охрид Лазе Танески и поранешниот претседател на охридскиот огранок и бизнисмен Науме Јованоски.

Се очекува централата по разгледување на предлозите на базата да и испрати еден до најмногу два кандидати, а изборот ќе биде извршен на партиска конвенција во Охрид.

Извори од партијата не ја исклучуваат можноста оваа листа на кандидати да биде дополнета од централното раководство. Се шпекулира со познати имиња вршители на јавни функции, додаваат истите извори.