Додека ВМРО-ДПМНЕ купува скапи партиски седишта, државниот имот којшто им припаѓа на сите граѓани, буквално го распродава на свои блиски поддржувачи кои потоа стануваат финансиери на партијата, велат од општинската СДСМ.
– Дрскоста на власта на ВМРО-ДПМНЕ оди дотаму што на најубавиот дел од Охридското езеро лажно им ветува на граѓаните дека ќе биде изградено пристаниште за 20-тина пловни објекти. Така наречената „марина“ или „мало пристаниште“ всушност ќе биде приватен ресторан на лица блиски од власта. Со ваков проект ќе биде нарушен еколошкиот систем на Охридското езеро. Дополнително, граѓаните на Охрид нема да добијат соодветен економски ефект ниту да имаат побогат општински буџет. Очигледно од ова корист ќе имаат само поединци блиски до власта, рече на денешната прес конференција што советниците од СДСМ ја одржаа на малото пристаниште, координаторот на советничката група, Јован Стојаноски. За кои поединци станува збор, Стојаноски рече дека не би шпекулирал, но додаде дека таквиот заклучок доаѓа како резултат на она што досега се случувало- дека владата секогаш на нивните подржувачи им овозможувала изградба на објекти со кои тие понатаму ќе стопанисуваат.
Стојаноски потенцира дека јавноста и граѓаните мора да бидат вклучени во една поширока јавна расправа за тоа како треба да изгледа пристаништето.
– Владата на РМ потроши над 600 милиони евра народни пари за проектот “Скопје 2014”. Па зарем граѓаните на Охрид не заслужија од државниот буџет да биде изградено на вистински начин соодветно пристаниште или марина? Несомнен заклучок е дека власта во заминување не се грижи за Охрид туку само за својот бизнис интерес, рече координаторот на советничката група на СДСМ.
Стојаноски информира дека проектот за реконструкција на малото пристаниште е дел од програмата на СДСМ за што наскоро ќе биде информирана јавноста, но рече дека засега не може да изнесува детали околу новиот изглед кој се предвидува со проектот.