Охрид е град на просветителството и на писменоста, па оттука произлегува нашата обврска да создадеме услови, сегашните и идните генерации да го зачуваат и да го осовременуваат овој имиџ и во иднина. Нашата цел е образованието во Охрид да го издигнеме на нивото кое го заслужува и нашиот град да може да се гордее со ученици кои имаат големи образовни успеси на ниво на нашата земја но и во меѓународни рамки, истакна Ристо Николески, на прес конференцијата што се одржа денеска на која кој што се презентираше дел од предизборната програма на кандидатот за градоначалник д-р Константин Георгиески.

Долги години наназад нашите деца учат во училници во кои има провев од сите страни, во кои прокиснуваат таваните, а подовите се распаѓаат. Токму затоа посветено и одговорно одлучивме 2019 година да биде Година на образованието во Охрид и за прв пат во историјата на нашата општина во Програмата за образование имаме издвоено повеќе од 52 милиони денари или околу 850.000 евра. Планирна е замена на кровни конструкции, нови фасади, реконструкција на подови, надворешна столарија во сите основни училишта во градот, како и во сите подрачни училишни објекти кои се лоцирани во населбите и селските средини. – рече Николески.

Со цел да се подобрат условите за одвивање на наставата, големи инфраструктурни инвестиции се предвидени и во сите средни училишта во Охрид, додаде Николески.

Веќе е започната изградбата на Нова училишна спортска сала во Електро-машинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски”, а планирана е изградба на вакви спортски објекти во Основното училиште „Кочо Рацин“, во Основното училиште „Ванчо Николески“ во село Лескоец и во Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Освен инвестиции во инфраструктурата планирани се и вложувања за подобрување на училишната опрема и надгледните образовни средства. Со овие инвестиции покажуваме дека знаеме да определиме приоритетите, работиме посветено, одговорно и домаќински за доброто на сите граѓани. – истална Николески.

OhridNews