Оваа зграда, тврдина, како што ја нарече Груевски вчера, е споменик над спомениците на криминалите и криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
-Додека Македонија тоне во сиромаштија, додека 180.000 луѓе живеат со по 40 денари на ден, за оваа грамада од камен, замислениот султан Груевски, според достапните пресметки, употребил меѓу 15 и 30 милиони евра. – рече Шилегов.
Тој посоќчи дека корисната површина за зградата денес достигнува до 12.240 м2, над десетици пати повеќе од базичната, на сметка на јавното зеленило и пешачкиот простор. Зголемена е во “од“ и висината на планираниот објектот, од 25 на 29 метри, додаде Шилегов.
-Ако се тргне од тоа дека во општина Центар просечната цена на квадратот е над 1.200 евра, тоа значи дека за новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се дадени околу 15 милиони евра! Ако одиме по логиката на чинење на новоизградените згради од Скопје 2014 коишто чинат и по 3.000 евра за м2, тогаш зградата чини и над 35 милиони евра!
Од каде?
Финансискиот извештај на ВМРО-ДПМНЕ, за изборите во 2011-та година, покажа финансиска дупка на партијата од 3.500.000 евра, којашто Груевски никогаш не објасни како ја пополни. Еве овој документ што го доставила ВМРО-ДПМНЕ до државниот ревизор, за донации во 2013 година, покажува дека партијата имала донации од 200.000 евра. Но тоа е далеку до 15 милиони евра и уште подалеку до 35 милиони евра, нели? – истакна Шилегов.
Тоа значи дека се во игра кешови и црни пари со коишто ВМРО-ДПМНЕ рекетира, уценува, за коишто исто така и зборувавме и слушнавме во некои од снимките од прислушувањето. Ова сомневање го поткрепува и Ревизорскиот извештај од 2013 година што го објавивме, во којшто е “изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ“ како и за усогласеноста на финансиските трансакции на ВМРО-ДПМНЕ со законите, додаде портпаролот на СДСМ.
Целиот процес на градба на новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ кое беше промовирано во саботата, е транспарентен и во согласност со законските нормативи, одговорија од владејачката партија на претходно искажаните обвиненија од портпаролот на опозицскиот СДСМ, Петре Шилегов, кого го повикаа да го објасни потеклото на имотот со кој располага неговата партија, како и неговиот приватен.
„Процесот за градба е објавен во четири дневни весници што е показател дека градежните активности не се тајна. Понудувачите понудија процент од бруто развиената површина кој ќе му го отстапат на сопственикот на градежното земјиште, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, што воедно беше еден од основните критериуми за избор на најповолен понудувач, а кој процент не смее да биде под 30 отсто од бруто развиената површина. Што значи приватен инвеститор го гради земјиштето во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ за свои комерцијални цели, а за возврат треба да отстапи најмалку 30 отсто од корисната изградена површина на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој случај ВМРО-ДПМНЕ нема никакви трошоци за изградба на објектот“, се појаснува во писмената реакција на владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека Социјалдемократскиот сојуз е партијата која како наследник на Сојузот на комунисти (СКМ) го доби целокупен имот на поранешната партија, кој е граден од заеднички пари на сите граѓани во поранешната држава и се проценува на повеќе милиони евра. „Имот правен и граден од сите граѓани, денес припаѓа само на СДСМ. Си го присвоиле и до ден денес го узурпираат“, се заклучува во реакцијата.
Од владејачката партија, како и претходно Шилегов, изнесоа детали за пријавениот имот на СДСМ, кој според нив располага со 1.669 квадратни метри во центарот на Скопје, има близу 2.700 квадрати парцела, исто така, во центарот на главниот град, потоа деловни простории од по 500, 400 квадратни метри во Битола, Ресен, Кавадарци и многу други градови, односно во сите поголеми места во државата.
„Но кога се работи за општествен имот кој си го приграбиле за себе, тогаш СДСМ никаде ги нема. Ако се чесни, нека го вратат тој имот на оние кои го граделе, на сите граѓани“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Велат дека станува збор за уште еден обид на опозицијата „стопати повторена лага да ја претвори во вистина“. Но, според нив, вистината е дека ВМРО-ДПМНЕ за сиот имот што го поседува има уредна документација и целокупниот имот е стекнат на легален начин“, оценувајќи дека изјавите на Шилегов се израз на „нервозен обид за манипулација со јавноста“.
Од владејачката партија бараат и СДСМ и самиот Петре Шилегов да дадат објаснување како го стекнале истиот.
„Што се однесува до Петре Шилегов, тој самиот треба да ѝ одговори на јавноста, за тоа како е возможно да зема кирија за имот на неговата сопруга кој не е пријавен, како е возможно да наплаќа кирија во сопствениот стан за сопствената фирма, како стекнал накит и злато во вредност од 130 илјади евра, и уметнички слики во вредност од над 50 илјади евра со своите ниски примања, и на крајот како успеал да стекне вкупен имот од повеќе од половина милион евра“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
OhridNews
Извор: „Макфакс“