СДСМ и ВМРО ДПМНЕ не престануваат да се препукуваат преку средствата за јавно информирање. На нападите изнесени на вчерашната прес конференција, СДСМ одговори со своја прес конференција на која освен што беше изнесен ставот на темата на која беше свикана средбата, новинарите немаа можност да поставуваат прашања.

Претседателот на општинската организација на СДСМ, Науме Јованоски, во своето обраќање ја обвнини ВМРО-ДПМНЕ за лицемерие, хипокризија и ширење на лаги.

-Колку што има денови откако е избран новиот претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид,толку прес-конференции имаат одржано. Буквално го силуваат и го трујат медиумскиот простор во Охрид. Тие ги нарачаа и со народни пари ги платија фашистичките билборди, а за тоа го обвинија Бранко Црвенковски. Тие ги организираа инстант-протестите пред Општината, а измислија некакво Здружение на загрижени граѓани. Малку го згрешија името, најдобро ќе беше ако го крстеа Здружение на вмровски директори кои по строга партиска наредба, а на штета на својот личен углед и достоинство,беа принудени да протестираат,а при тоа да не знаат зошто го прават тоа- рече Јованоски.

Тој упати забелешки и до министерот за финансии Зоран Ставрески дека ја дезинформирал јавноста со изјавата дадена во Пештани кога го обвини лидерот на СДСМ за неисполнети ветувања кон месното население.

– Ова е врв на политичкото лицемерие и хипокризија од страна на економскиот аматер Зоран Ставрески, бидејќи во 2006 година Бранко Црвенковски беше претседател на државата и не учествуваше во тие избори, рече Јованоски.

Тој уште еднаш го прозва новиот претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид околу вработувањето на неговата сопруга во средното угостителско училиште.

На прес конференцијата се обрати и директорот на МЈП „Проаква“, Бранислав Трпчески, кој уште еднаш ја потенцираше лошата состојба во која се наоѓа колекторот.

– Поради покаченото ниво на Езерото и преоптовареност на системот, „Проаква“ има дополнителни трошоци од над 1 милион евра, а огромни се и трошоците кај физичките лица, рече Трпчески, кој побара ЕЛЕМ и државата да ги преземат своите обврски околу одржувањето на колекторот за што, како што рече има и заклучоци на Влада донесени во 2006 и 2007 година.

OhridNews