Отворената вербална војна помеѓу најголемите политички ривали во Охрид продолжува со несмален интензитет. Откако ВМРО ДПМНЕ и го оспори новото членство на СДСМ во Охрид, со реакција се јави општинската организација на социјалдемократите. Опонентите ниту во оваа политичка пресметка не се штедат на зборови. Според СДСМ, реакцијата на ВМРО ДПМНЕ се должи на стравот што владее кај партијата на власт од се поголемото незадовoлство кај народот, кој според опозициската партија се помасовно ја поддржува неа:

„Господата отпадници и „бегалци“ од разни политички парти кои се присобрале и изнатуркале во првите редови на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид исклучиво од лични и кариеристички интереси, а не од некаква идеолошка определба – бидејки и самата таа партија со уште десеттина „филијали“ под името „татковинска“ , „македонска“, „демократска“ ( а можеби и „мајчинска“, „сестринска“, „роднинска“ и т.н. – до крај на азбуката), исцрпени од внатрепартиските превирања и константното лажење на народот, се дрзнаа да пребројуваат туѓи книшки мислејки дека се’ се прави според нивна кореографија и „фестивалски“ прослави на еден ист повод, но во неколку изданија.

Заради истрошениот арсенал на лаги за народот, решиле да го вперат прстот во СДСМ токму на денот кога нивната Влада го претвори Охридското Езеро во базен по кој не смеат да пловат бродовите, а илјадниците гости и туристи да не можат да ги доживеат убавините на бисерното „слатководно Море“. Проѕирни сте,господа, во вашите „финти“ научени по квази-институтите од типот на „Димитрија Чуповски“ со единствена цел: да ги „замачкате“ очите на граѓаните на Охрид и Македонија пред невиденото скандалозно урнисување на Охрид и охридскиот туризам.

Каде е вашиот лидер Груевски, да им објасни на охридските бродари зошто не можат да си го заработуваат лебот среде сезона, бидејки неговиот министер заборавил дека „моралните причини“ не се само за нудење оставка, туку и за одговорност пред оние кои живеат од бродарството ? Каде е неговиот ментор Протугер за да им објасни (не со „отворени писма“) на стотиците туристи во Охрид дека „тие не биле родени заради времето на Груевски“ и да ги праша „дали  одбрале да живеат во времето на Груевски“  за да не можат да уживаат во пловидбата до „Св.Наум“ ?

За да не ве мачи прашањето за силината на СДСМ и огорченоста на народот од недемократското ваше владеење, ве информираме дека во „Ривиера“ претседателот Црвенкоски ги врачуваше партиските книшки на претседателите на месните одбори. За ваша „утеха“ ќе ви го предочиме само примерот со месниот одбор „15. Корпус“ каде на претседателот на овој месен одбор му беа врачени 36 книшки за новите членови од оваа населба.

Господа од ВМРО-ДПМНЕ! Сфатете дека вие самите сте најголемата лага за Македонија. Надоградена и надополнета во безброј чекори со кои ја уназадувате државата и ја водите во сивило, очај, тоталитаризам и банкрот.“-стои во соопштението на СДСМ.

OhridNews