„Општинската организација на СДСМ-Охрид, а веруваме и најголем дел од јавноста во Македонија, е длабоко разочарана од дрскоста на дел од членовите на Комисијата за награди и признанија на Советот на општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои без трошка почит кон името на Патронот на Охрид, со надгласување му ја доделија Наградата „Свети Климент Охридски-Патрон на Охрид“ на Цветко Грозданов, актуелен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Со згрозеност за ваквиот чин, укажуваме дека надгласувањето во Комисијата, и таквата одлука целосно ја девалвира самата смисла заради што се доделува наградата. Наградата за Цветко Грозданов, кој се самокандидираше за истата, е навреда за Свети Климент чие име, во световниот и духовниот живот подразбира продуховеност, толеранција, хуманизам и космополитизам.
Жителите на Охрид знаат дека пратеникот Грозданов нема резултати заради кои би добил некакво општинско признание, а уште помалку награда со име на Патронот.
Надгласувањето во Комисијата всушност значеше директно кршење на критериумите за добивање општинско признание бидејќи Наградата се доделува за континуиран придонес во подолг временски период, односно таа е признание за животно дело, а не за атлетска патека. Впрочем, и за неа заслугите му припаѓаат на друг бидејќи за нејзина реализација целосно беше ангажиран Иван Цветкоски, поранешен вд директор на спортската сала.
Во образложението за наградувањето на пратеникот Грозданов се наведуваат некакви негови заслуги во спортот и атлетиката, но во стварноста нема ништо од тоа.
Доделувањето на наградата на пратеникот Грозданов, не прави ништо друго, освен што ја девалвира работата на бројни истакнати личности кои зад себе имаат оставено длабока трага на создавање и творење во нашиот град.
ОО на СДСМ во Охрид верува дека токму меѓу нив е вистинскиот добитник на годинешната награда, која се доделува во чест на Патронот.
Доделувањето на наградата на пратеникот Грозданов е срам за целата јавност на Охрид и лош пример за идните генерации. Можеби е добро само за ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тие и не знаат друго освен за девалвирање на вистинските вредности“-се вели во реакцијата на ОО на СДСМ.