Проблемите во Македонија не се решаваат, туку секојдневно се создаваат и нови уште поголеми, рече Црвенковски, прашувајќи каде се 8-те милијарди евра инвестиции ветени од Груевски само пред една година.
– Во време на економска криза во регионот се градат автопати, аеродроми, термоелектрани, а ние се расправаме дали на плоштадот во Скопје да има црква или џамија, а најголеми инвестициони дострели се поставените бикови, шмизли и питачи на скопските улици, рече Црвенковски.
Остро напаѓајќи ја власта Црвенковски рече дека криминалот во Македонија денес не го прават криминалците туку власта, посочувајќи на ревизорските извештаи кои според него укажуваат на криминал тежок десетици милиони евра и ненаменско трошење државни пари. За сето тоа нема никаква реакција од обвинителството, додаде Црвенковски, најавувајќи дека за тоа некој ќе одговара кога ќе се промени власта.
– Оваа власт гледа дека ја губи поддршката од граѓаните затоа станува се понервозна и се обидува да владее со страв преку инспекциски контроли и казни за фирмите и граѓаните, рече Црвенковски.
Тој истакна дека новата програма на СДСМ нуди излез од сегашната состојба, посочувајќи дека таа е резултат на ангажман и работа на 120 експерти.
– Програмата е отворена и секој предлог и иницијатива која ќе допре до нас ќе најде место во нејзината содржина, им порача на охриѓани Црвенковски.
На претставувањето на новата партиска програма присуствуваа потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски и Ана Павлова Данева – член на Централниот одбор, а свое обраќање имаше и претседателот на општинската организација Науме Јованоски, кој рече дека охриѓани се сведоци на еден нов Социјалдемократски сојуз на Македонија со нова програма и со вистински решенија за Македонија.