Враќање на финансиската стабилност на Општина Охрид останува еден од најважните приоритети на СДСМ и во иднина. Како што истакна кандидатот за советник Милена Грозданоска долгот на општината за две години е намален за една милијарда денари и веќе е започната постапка за исплаќање на преостанатиот долг од сумата.

Во 2017 година долгот на општината изнесуваше околу 1,6 милијарди денари, а денес изнесува околу 295 милиони денари. Веќе е започната постапка преку која општината ќе го исплати преостанатиот долг од сумата што е евидентирана како неисплатен долг и од која врз основа на извршни решенија секојдневно се генерираат нови обврски за подмирување. Со оваа постапка ќе овозможиме одблокирање на сметката на Општината која е блокирана околу 16 години, истакна Грозданоска.

Таа најави продолжување со креирање стратегија за соодветно доопремување на општинските претпријатија

Го продолжуваме започнатиот процес на набавка на сите градежни машини и опрема за работниците, воведуваме нов дигитален систем за контрола и пријавување на дефекти на водоводната и фекалната мрежа како и други институционални проблеми. Ќе воведеме нови и посевремени практики на работните активности и допонителни нови содржини во програмите за работа. Воспоставуваме квалитетен менаџмент на јавните претпријатија врз основа на систем на успешност и капацитети, а вработените ќе бидат дополнително мотивирани и обучени за подобри резултати во работењето, истакна Милена Грозданоска на денешната прес- конференција. 

К.А.