Од општинската СДСМ ја обвинуваат локалната власт дека има намера да продаде атрактивна локација под Плаошник за многу ниска цена.
– Општина Охрид има намера да отуѓи 200 метри квадратни атрактивно државно градежно земјиште, односно да го продаде бадијала, без никакво образложение. Градежната парцела, на која се предвидува изградба на станбен објект на три ката, е дел од боровата шума под Плаошник. Локацијата се наоѓа на левата страна од патот за црквата Св. Јован Богослов Канео, непосредно над куќите во месноста Канео. Продажбата се планира да биде извршена на 2-ри март, а почетната цена за еден метар квадратен што го одредила општина Охрид изнесува само 25 евра, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.
Кузески потенцира дека пазарната вредност при продажба на куќи во тој дел од градот изнесува најмалку 1.000 евра за еден метар квадратен, додека цената на неизградено градежно земјиште се движи над 500 евра за еден метар квадратен.
– Зошто Бакрачески и ВМРО-ДПМНЕ да го продаваат најатрактивно градежно земјиште со почетна цена дури 20 пати пониска од реалната пазарна цена? Кој стои зад ваквата срамна бизнис зделка и за чии интереси се отуѓува најатрактивната градежна парцела во Охрид?Зошто општината на тоа место не изгради еден мултинаменски репрезентативен објект за потребите на градот и граѓаните, наместо да го продава бадијала на приватни лица за изградба на станбен објект?, праша Кузески.
Од СДСМ Охрид бараат веднаш да се поништи објавениот оглас и неодложно да се стопира, како што потенцираат, штетната продажба на атрактивната локација.
OhridNews