Општинската организација на СДСМ во Охрид, обвинува за партизацијата на јавните претпријатија во градот, како и неисполнување на законските обврски кон вработените.
После скандалот со новата систематизација и новите решенија на директорот, следи нов скандал, во кој без никаков основ селективно и исклучиво по партиска припадност, со дополнителни решенија, наградени се дваесеттина партиски послушници и лица блиски до директорот. Задоволувајќи одредени интереси, во обид да создаде сопствен култ во редовите на ДПМНЕ, оперативната експедитивност на претпријатието забрзано опаѓа, а градот се соочува со сериозен водоснабдителен проблем, велат од СДСМ.
Од партијата обвинуваат и за неисплатување на К15 за вработените во “Водовод” и апелираат до градоначалникот Пецаков и раководството на јавното претпријатие да ги подмират обврските.
Да се одважат и согласно Законот и подзаконските акти да извршат исплата на регрес за годишен одмор к15 за последните три години, во спротивно ќе се соочат со соодветни пријави, истакнаа од СДСМ.
OhridNews