Општинската организација на СДСМ од Охрид денеска на прес конференција изнесе реaкција за градежниот шут кој е исфрлен во атарот на село Лакочереј.

 -Погледнете го овој градежен шут во убавата природа среде Лакочереј. Секако не го создаде природата. Поставен е како неветен, а реализиран проект на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Со денови се носеа овде бетонот и каменот, на само метар од коритото на реката и на самите извори на вода за пиење. На повидок е еколошка катастрофа, а градоначалникот Бакрачески молчи. Зошто молчи Бакрачески? Дали можеби затоа што овие купишта шут се од реконструкцијата на улицата Питу Гули? Дали жителите на Лакочереј се должни да плаќаат еколошки данок од реновирањето на улицата Питу Гули? Дали секогаш кога нешто ќе посегне да направи охридскиот градоначалник, нешто друго ќе расипува? Според постапките што ги прави, Бакрачески покажува дека ниту е заинтересиран за потребите на граѓаните, ниту пак за животната средина туку само да задоволи бизнис апетити, рече Александар Кузески секретар на СДСМ од Охрид.

Тој истакна дека Општинската организација на СДСМ бара од надлежните општински служби веднаш да го отстранат шутот од природната околина во Лакочереј, а за можните последици од неговото истоварање во населено место, одговорност треба да носи локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews