Според првичните резултати на општинската СДСМ, од обработените гласови на нивниот аналитички центар, во Охрид во значително водство е кандидатот на владејачката партија Константин Георгиески.
Сепак, како што беше истакнато, во Охрид ќе има втор круг избори за градоначалник, во кој влегуваат кандидатите на СДСМ Константин Георгиески и на ВМРО ДПМНЕ Митре Милошоски. Разликата помеѓу нив двајца, според СДСМ е 2425 гласа.
–Извојувавме убедлива победа и ни недостигаа само 940 гласа за да победиме во прв круг. Но тоа ќе го направиме за две недели, бидејќи Охрид одлучи и враќање назад нема. – рече Георгиески. Тој изрази благодарност до граѓаните на Охрид за искажаната поддршка.
Во првиот круг од изборите во Охрид има речиси 1200 неважечки ливчиња, што е исклучително голем број. Исто така останатите кандидати освоија над 3100 гласа.
За претседателските кандидати, според податоците на аналитичките центри на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Охрид во водство е Гордана Сиљановска Давкова.
OhridNews