Најголемите политички партии во земјава денес бираат нов лидер. СДСМ на внатрепартиски избори ќе го избира наследникот на Зоран Заев, додека на редовниот партиски конгрес на ВМРО- ДПМНЕ се очекува да биде реизбран Христијан Мицкоски како единствен пријавен кандидат.

Гласањето на  вонредните внатрепартиски избори во СДСМ се одвива по електронски пат и може да гласаат сите членови кои поседуваат електронска членска картичка. Согласно Правилникот за постапката и роковникот, активно се регистрирани 51.228 членови на СДСМ, а пријави се пристигнати и по истекување на предвидените рокови. Од овие причини, имајќи го предвид краткиот временски рок за активна регистрација, Централната изборна комисија во СДСМ донесе одлука да им се овозможи на сите членови кои поседуваат електронска членска картичка да може да се регистрираат на самото гласачко место и да гласаат на вонредните внатрепартиските избори. Гласањето на денешните вонредни избори ќе се одвива на 194 избирачки места низ општинските организации ширум државата.

За претседател на партијата се кандидираа тројца кандидати и тоа Димитар Ковачевски, кој е актуелен заменик-министер за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и екс-потпретседателка на СДСМ и Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата на ТИРЗ.

ВМРО-ДПМНЕ пак ќе го одржи редовниот партиски Конгрес во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, со присуство на вкупно 517 делегати. Од партијата велат дека покрај изборот на претседател денеска ќе се донесе и доктрина која ќе биде платформа за идните делувања на партијата.  Првата тема во оваа доктрина е како да останат граѓаните во државата, а има теми и од областа на образованието и енергетиката, изјави денеска пред почетокот на Конгресот, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. За избор на претседател доставена е една кандидатура за претседател, и тоа од страна на Христијан Мицкоски, кој и досега беше на таа функција.

Покрај изборот на претседател на партијата, Конгресот ќе донесе и документ, акт, политички документ или доктрина која ќе биде платформа за идни делувања на ВМРО-ДПМНЕ во која има 16 предвидени теми. По изборот на претседател, на Конгресот ќе биде избран и статутар на Комисија и Комисија за надзор и финансиско работење на ВМРО-ДПМНЕ, рече генералниот секретар на партијата.

 

OhridNews