Објавувањето на „тајните“ списоци за вработување се доказ за тензијата и незадоволството кое постои меѓу членството на ВМРО ДПМНЕ – беше истакнато на прес конференцијата на општинската организација на СДСМ, што се одржа денеска. Социјалдемократите презентираа списоци со 197 имиња на партиски вработени лица во државните институции од страна на ВМРО ДПМНЕ.

– Општинскиот суд, правобранителството, СВР, фестивалот Охридско лето, Завод и музеј, Хидробиолошкиот завод, Капетанија, Фондот за здравство- се само дел од наведените институции, каде според СДСМ, во периодот од 2007 до 2010 биле вработувани членови на ВМРО ДПМНЕ.

Од СДСМ сметаат дека списоците за партиските вработувања се обелоденети од страна на незадоволни членови  од ВМРО- ДПМНЕ вработени во ЕМО, фирма во која, како што беше речено, вработените со години не земаат плата, а единствено корист имаат менаџерите на компанијата.

На ваквите обвинувања, со контра обвинувања  експресно одговорија од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

-Функционирањето на општина Охрид е загрозено токму од целосно нерегуларното и непотребно реализирање на партиски вработувања на СДСМ во Охрид кое го оптеретува Буџетот на Општината .  Тоа се истите  вработувања кои под закани , притисоци и малтретирање се влечат по разно разни безуспешни митинзи на СДСМ низ државата. Тоа се партиските  вработувања на СДСМ во Охрид-возвраќаат од ВМРО ДПМНЕ.

Според ВМРО ДПМНЕ објавувањето на списоците за партиски вработувања претставува конструкција, манипулација и бескрупулозната злоупотреба на лични податоци на граѓани која, како што најавија, веројатно ќе биде и тема на судски процес.

И покрај новинарските прашања, од ВМРО ДПМНЕ конкретно не одговорија – дали се точни обвинувањата за партиски вработувања.

– Ние пред се сме загрижени за објавувањето на личните податоци на граѓаните на Охрид, а дали имало или не вработувања не  би можел да одговорам. Сметам дека приоритет е да се заштитат граѓаните од објавување на нивните лични податоци,  истакна Илија Мојсоски од ОК ВМРО ДПМНЕ.

OhridNews