Градоначалникот Трајкоски врши партиска дискриминација на спортските клубови во општината, обвинува општинската организација на СДСМ – Дебарца.
-Градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски вчера по повод асфалтирањето на спортското игралиште во село Требеништа уште еднаш се изрекламира и пофали дека вложувал во развојот на спортот во општината Дебарца. Добро ќе беше навистина да е така, но за жал не е. Не е, затоа што градоначалникот развојот на спортот во општината го гледа исклучиво низ партиската диоптрија. Дека тоа е така, еве доказ. Согласно Годишната програма за развојот на спортот во општината Дебарца за 2013 година едногласно донесена од советот на општината Дебарца, секој спортски фудбалски клуб кој се натпреварува во општинската фудбалска лига го следуваат средства од буџетот на општината, во износ од 60.000 денари годишно. Сите фудбалски клубови во општината ги добија средствата, освен ФК “Славеј” –Мешеишта и ФК “Сатеска”- Волино. Образложението на градоначалникот е дека овие клубови имаат партиски неподобни раководства. Од истата причина ФК “Сатеска” не доби ниту денар поддршка и како организатор на спортската манифестација-турнир во мал фудбал “Богородица Куп 2013” , иако го следуваа 15.000 денари. Нешто, што за првпат се случува во шестнаесетгодишното постоење на спортската манифестација.-стои во партиското соопштение.
Во врска со изградбата на новото спортско игралиште во село Требеништа, од СДСМ со став дека даваат безрезервна поддршка на секоја активност на планот на изградбата и осовременувањето на спортската инфраструктура во општината, со забелешка дека во ова населено место веќе има едно игралиште изградено пред десетина години, во време кога актуелниот секретар на општина Дебарца бил градоначалник на Мешеишта.
-Ова игралиште остана неискористено и препуштено на заборавот на времето, токму поради несоодветно избраната локација и официјално се признава дека изградбата на тоа спортско игралиште е промашена инвестиција. Граѓаните одамна со право го бараат одговорот на ова прашање, бидејќи за неговата изградба се потрошени народни пари, од буџетот на општината и сметката на тогашната месна заедница с.Требеништа. – се вели во соопштението на Центарот за комуникација со јавноста на ОО СДСМ Дебарца.
Од општина Дебарца ги отфрлаат ваквите обвинувања, оценувајќи ги како трагични.
– Трагично е да се реагира за изградба на современо игралиште во прва фаза и во друга фаза ќе се изгради Балон Сала, која пред се, потенцираме пред се ќе служи за сите жители на Општина Дебрца. Имено укажувањето за според нив неподдршката на спортот во Дебрца им паѓа во вода токму со ова капитално здание. Ако според нив изградбата на спортско игралиште кое ќе може да се користи и за време на зимски услови , не е поддршка за развојот на спортот во Општина Дебрца, тогаш сметане дека нема потреба за понатамошна реакција. Од друга страна, кога станува збор за старото игралиште во с. Требеништа токму тоа е симбол дека кога ВМРО е на власт секогаш се гради и секогаш се работи во интерес на граѓаните. Како и тогаш така и сега повторно градиме зданија кои ќе бидат во интерес на сите нас. Токму старото игралиште преставува симбол на пропадната политика на СДСМ која и покрај долгогодишното владеење во Општина Дебрца не направи ништо за развојот на спортот и младите. Општина Дебрца предводена од градоначалникот ќе продолжи со уште поголем интензитет на работа, а тоа значи дека од вас ќе има уште бесмислени реакции на кои повеќе и немаме интерес ни време да ви реагираме бидејќи сме презафатени со реализација на голем број проекти за доброто на Општина Дебрца. – стои во реакцијата на градоначалникот на општина Дебарца Игор Трајкоски.
OhridNews