Вербалната војна помеѓу СДСМ од една страна и членот на институтот „Павел Шатев“ и ВМРО ДПМНЕ од друга страна, продолжи со несмален интензитет. По реакциите на Пановски и ВМРО ДПМНЕ, со контра реакција се јави СДСМ. Во неа се вели:

„Ништо чудно за состојба и наводни реакции на вмровските “истурени” кадри кога треба да одговорат како тоа за партиски ќефови и “Потемкинови села” ги трошат парите на народот.
   
Го прашавме директно и јасно г. Дејан Пановски да ја запознае јавноста на што ги троши народните пари. За што прима плата. Дали како член на некаков Институт, дали како советник на МЗЖС со седиште во Охрид, како експерт за води, а работи на политички анализи против градоначалникот Петрески или како директор на партиската школа “Павел Шатев”.
   
Кутриот се измачи пишувајќи реакции за електронскиот весник “Охридњуз” во кои се пркажува себеси како потенцјален кандидат за градоначалник, оти бил чист и со чисти намери за Охрид, ама никако да и одговори на јавноста: Што е тоа “Павел Шатев”,  која е неговата улога, и за што прима плата Дејан Пановски, после неговиот меден месец од година и половина, поминат во Скопје и на патувања по светот на наводни советувања, семинари, конференции и слични трошења народни пари. Дали сега е во Охрид на меден месец со плата преку Скопје?
   
За разлика од таквите експерти и национални надежи како Дејан Пановски кои прилично заработуваат и комотно живеат од продавање магла, половина од македонскиот народ се на работ на бедата и се водат како сиромашни. Ете тоа е потенцијалот на ДПМНЕ, тоа се стратезите кои на меден месец ја кројат сонуваната идна вмровска локална власт.
   
Господине Пановски,
Онаа Прличевата: “Лицем светци, срдцем в’ци” повеќе не врви. Премногу лицемерно и привидно е на неколку месеци пред избори да делите стручни и етички лекции и да ламентирате со Вашата љубов и загриженост за Охрид. Вие, како ретко кој охриѓанец, имавте голема прилика, како висок владин чиновник да ја покажете Вашата стручност и да направите нешто со што конкретно, а не само вербално, ќе ја потврдите љубовта и загриженоста за Охрид.
   
Најискрено Ви благодариме на честитките, со иста мера, но без скриен сарказам, истото и ние Ви го посакуваме и уште еднаш Ве потсетуваме дека очекуваме конкретни одговори на конкретно поставените прашања“, стои во реакцијата на СДСМ.