„ОО СДСМ Охрид остро го осудува изборот на новите судии во Основниот суд во Охрид затоа што е тенденциозен и под силно влијание на ВМРО ДПМНЕ. И покрај долгогодишното искуство и стручност многу стручни соработници не добија шанса да станат судии иако ги исполнуваат и највисоките критериуми туку овој пат одлучи партиската наклонетост да се изберат за судии луѓе од делот на адвокатите кои се одлучиле својата стручност да ја докажат во приватна пракса (а колку тоа успешно го правеа знаат охриѓани) или поточно речено луѓе по мерка на власта ќе ни ја делат правдата во Охрид“ Ова го изјави портпаролот на ОО СДСМ – Охрид, Анита Азеска на прес конференцијата што се одржа денеска.


Од денешниот прес на СДСМ Охрид. Чингоски и Азеска

И според претседателот на општинската СДСМ Томе Чингоски изборот е спорен и скандалозен. „Тенденциозно е бидејќи од 48-те пријавени кандидати на конкурсот се избраа само припадници на ВМРО ДПМНЕ што говори дека не одлучувала стручноста туку партиската припадност“, рече Чингоски.

На пресот социјалдемократите го осудија, како што беше речено, недоличното однесување на одредени пратеници од ВМРО ДПМНЕ на 05.02.2008 и побараа истите да престанат да мислат на рејтинзите туку и да почнат да се занимаваат со решавање на конретните проблеми кои ги мачат граѓаните.

Во врска со засилените активности на партиите во последниот период и најавата за предвремени избори, Чингоски истакна дека владејачките партии се во паника и затоа зачестиле нивните средби со граѓаните, како и дека доколку дојде до избори СДСМ е подготвена да одговори на предизвикот

На пресот беше најавено дека во вторник во Центарот за култура ќе се одржи партиска трибина посветена на иницијативата за донесување закон за најниска плата на која ќе присуствува лидерот на СДСМ, Радмила Шеќеринска.

ohridnews