Најголемите партии во власта и опозцијата и натаму со дијаметрално спротивни ставови во однос на тоа кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори.
СДСМ инсистира на избори во првиот можен термин, обвинувајќи ја ВМРО-ДПМНЕ дека вештачки се обидува да создаде криза.
СДСМ како одговорна партија во овој важен период има три приоритети – заштита на здравјето на граѓаните, брза трансформација на економијата и функционални институции, како гарант за силна демократија. Токму затоа предвремените парламентарни избори, кои веќе се распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин, а предизборната кампања и гласањето да бидат усогласени со заштитните протоколи, бидејќи сите параметри и официјални податоци покажуваат дека епидемијата е ставена под контрола. – велат од СДСМ.
Според СДСМ, последната одлука на Уставниот суд, ја потврдува уставноста на владината уредба да се запрат предизборните активности зa распишаните избори поради коронавирусот. Тоа значи дека роковите за изборниот процес продолжуваат по завршување на вонредната состојба, децидни се во СДСМ.
ДИК по завршувањето на вонредната состојба, треба да ги заврши обврските и во рок од 22 дена да се одржат изборите. СДСМ нема да дозволи пропаднатиот спортист и политичар Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, да ги попречат демократските процеси и вештачки да создадат криза. Пропаднатиот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сакаат функционално Собрание, не сакаат институции со полн легитимитет. Тие се против заживување на економијата, против здравјето на граѓаните да биде обезбедено и не сакаат државата да оди напред. – обвинува СДСМ.
ВМРО ДПМЕ: Македонија прво ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи Заев и Филипче
Власта исклучително лошо ја менаџира епидемијата со корона вирусот. Венко Филипче наместо со здравјето на граѓаните се занимава со диктатите на Зоран Заев, на кој му се брза да го ублажи претстојниот пораз, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Наместо епидемијата да спласнува, како во повеќето земји од регионот, таа во Македонија се шири. Евидентирани се 17 новозаболени и двајца починати за 24 часа. Дополнително, евидентен е хаосот, па така починати лица од корона вирус се кријат, па под притисок на јавноста се објавуваат после ден или два. Граѓаните кои се тестираат од корона вирус чекаат со денови за резултати, а често се случува нивните резултати да се изгубат, па повторно да се тестираат. Македонија поради неспособноста на власта и партиските калкулации на Заев и Филипче е земја која најмалку тестира граѓани во регионот, а е рекордер по смртност на милион жители, повеќе од Албанија, Бугарија и Грција заедно. – обвинува ВМРО ДПМНЕ.
Според ВМРО ДПМНЕ, конфузијата во власта е голема.
Заради лошите показатели од епидемиолошките анализи се бара продолжување на вонредната состојба, а од друга страна се инсистира на брзи избори на кој во матно би се намалил поразот по цена на здравјето. Животот на граѓаните е поважен од политичката кариера на Заев и на Филипче. Прво Македонија ќе ја победи короната, а потоа ќе ги победи на избори Заев и Филипче. – велат од ВМРО ДПМНЕ.
OhridNews