Се очекуваат следните чекори на политичката сцена со кои ќе се разјасни моменталната состојбата во која се наоѓа државата. СДСМ порача дека заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбеди стабилност и продолжување на напредокот на земјата, барајќи истовремено оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од опозициската партија, пак, инсистираат на брзи предвремени парламентарни избори оценувајќи дека власта е делегитимирана по резултатот од неодамнешните локални избори.
Мицкоски треба да излезе пред граѓаните да им се извини и да даде оставка. Криење зад брзи избори навистина нема смисла пред граѓаните после толку кажани лаги. Сега не е време за избори, време е за одговорност бидејќи сме соочени пред многу предизвици како што е енергетската криза, живеачката на граѓаните, пандемијата, продолжување на патот кон ЕУ, и токму затоа време е за одговорност и не е време за брзи и предвремени избори, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение наведоа дека СДСМ на Локалните избори изгуби со над 100.000 гласови разлика и нема легитимитет од народот за да владее, а Зоран Заев треба да си ја реализира најавената оставка.
Заев изгуби над 40 општини. Народот во над 40 општини избра промени. Заев е политичарот поради кој сме на 111 место на Транспаренси, на врвот на листата во Европа по бројот на починати од КОВИД на еден милион жители. Заев е виновен затоа што државата е во енергетска криза, за инфлацијата и за лошата живеачка, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ
И од Алтернатива сметаат дека не е добро време да се оди на избори. Лидерот, Африм Гаши вчера во телевизиско гостување истакна дека е против избори поради процесите во кој се наоѓа државата.
Не сум против избори поради изборен резултат, но сум против избори поради контекстот во кој се наоѓаме. Пред изборите во Бугарија, пред датум за почнување на преговорите со ЕУ, по еден макотрпен процес за граѓаните како што се локалните избори кои се доста тешки и кои одземаат доста енергија, секој политичар, секој што се натпреварува, и граѓаните, па и вие новинарите, се изморени. Затоа мислам дека тоа не е добро решение. Но, сепак, останува тоа да го докажува секое мнозинство. Ставот на Алтернатива е дека не е добро сега да се оди на избори, истакна Гаши.
По неуспешниот обид за формирање ново парламентарно мнозинство се огласија и од ДУИ, од каде оценија дека по завчерашните настани победиле граѓаните и прогресивните евроатлански сили, пријателството со Европската Унија и Соединетите Американски Држави.
OhridNews