Општинската организација на СДСМ од Дебрца преку писмено соопштение испратено до медиумите информира дека Министерството за финансии се уште нема постапено по Заклучокот на Владата на Република Македонија и на општината Дебрца се уште не и се префрлени средства за штетата од природната непогода, од 19-ти јуни 2010 година.
-На 19-ти јуни 2010 година подрачјето на општина Дебрца со населените места: Требеништа, Волино, Мешеишта, Климештани, Ново Село, Белчишта, Долно и Горно Средорече, Злести, Лешани и Грко Поле го зафати силно невреме со обилни врнежи од дожд и град, кои предизвикаа голема материјална штета на земјоделските површини засадени со овошни, градинарски, житни и лозови насади. Комисијата за проценка на штета на општина Дебрца изврши проценка на причинетата штета и изработи Елаборат за проценка на штета од обилни врнежи од дожд со појава на град во општина Дебрца, кој беше усвоен од советот на општина Дебрца. Вкупната материјална штета беше проценета на 29.072.778 денари, потсетуваат од СДСМ Дебрца.
Оттаму објаснуваат дека Владата на Република Македонија, на 36-та седница, одржана на ден 27-ми декември 2011 година, ја разгледала Информацијата за настанатите штети од природни непогоди во неколку општини, меѓу кои е и општина Дебрца и ја усвоила со заклучок со кој Министерството за финансии се задолжува да подготви одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година и на општината Дебрца, во висина од 15 % од износот на проценетата штета или 4.360.916 денари, во рок од 8 дена.
-Меѓутоа, не во рок од 8 дена, туку и по речиси четири години од страна на Министерството за финансии не е постапено по Заклучокот на Владата на Република Македонија и на општината Дебрца не и се префрлени средства за штетата од природната непогода, од 19-ти јуни 2010 година, иако во меѓувреме беше исплатено обештетувањето за непогодите од 2012 и 2013 година. Поради тоа, јавно ги повикуваме министерот за финансии во Владата на РМ и градоначалникот на општина Дебрца да одговорат на следните прашања: Како е можно и зошто Министерството за финансии четири години не го почитува Заклучокот на Владата со кој е задолжено да обезбеди средства од Буџетот на РМ за обештетување на земјоделците за наведената природна непогода ? Како можеме да зборуваме за правна сигурност и владеење на правото, кога Министерството за финансии не ги почитува актите на Владата на РМ ? Што е преземено од страна на градоначалникот на општина Дебрца за да се почитува заклучокот на Владата на РМ? Дали и кога се планира од Владата на РМ одобреното обештетување да биде исплатено?, прашуваат од СДСМ Дебрца, потенцирајќи дека и во наредниот период континуирано ќе ги потсетуваат надлежните, се додека земјоделците не го добијат одобреното обештетување.
OhridNews